Рикер: Македонија и Грција да се ангажираат и да го решат спорот - САД не може да одлучи за нив

Има напори од страна на меѓународнатa заедница за поддршка на Грција и Македонија во однос на решавање на прашањето за името, вклучително и од САД. Ние сакаме тоа да се случи и даваме поддршка на овие напори, иако не можеме да донесеме одлуки за нив. Не можеме ние да постигнеме договор за овие земји, тоа е нешто што Грција и Македонија треба да го сторат заедно, истакнал заменик-помошникот на државниот секретар на САД задолжен за земјите од Западен Балкан, Филип Рикер на денешниот брифинг во Брисел.

На прашањата на дописникот на МИА од Брисел, Рикер отворено го објаснил ставот на Вашингтон во однос на Македонија, при што повторно повикал на разгледување и отворање на дијалогот за последниот предлог за името од страна на преговарачот на Обединетите нации, Метју Нимиц.

- Нимиц даде нов предлог. Да, се согласувам дека ниту еден предлог не е перфектен, но поентата од предлозите е тие да се искористат како база за ангажман и преговори за да се најде решение. Примерот со Белград и Приштина од тоа како ЕУ го олеснуваше дијалогот, треба да се искористи како база околу која се придвижуваат работите напред. Другите треба да најдат решение на своите проблеми и несогласувања. Во однос на Србија и Косово, Европскиот совет јасно презентираше во заклучоците на Самитот во декември што треба да се случи за процесот да се движи напред. На таа база двете страни работеа низ дијалогот. Нимиц претстави предлог, кој може да се искористи од Грција и Македонија да најдат решение и како што и од ЕУ истакнаа многупати досега, и ние во Вашингтон, сите се надеваме дека ќе го сторат тоа, посочил Рикер.

На прашањето како го оценува последниот Самит на Европскиот совет каде Македонија дури не беше ниту вклучена во заклучоците, а е осум години кандидат и четири години по ред добива препорака од ЕК да ги почне преговорите, Рикер посочил дека САД не се дел од тој процес, но дека работат заедно со ЕУ на терен во Македонија, каде нивните мисии работат многу блиску со заеднички напори.

- Имаме редовни консултации за да се обидеме Македонија да се придвижи напред. ЕУ и комесарот Филе работат екстремно напорно по настаните во декември 2012 година, вклучително и на договорот од 1 март, за да се обидат да се справат со проблематичните настани во Собранието на Македонија и гледам придвижување во однос на тоа прашање и ќе гледаме што ќе излезе од сето тоа, констатирал поранешниот амбасадор на САД во Македонија.

Со оглед на тоа што САД се стратешки партнер на Македонија, до Рикер било упатено прашање како и помагаат на земјата за да се развива понатаму, пред се, во однос на нејзините евро-атлантски интеграции, посебно што има и јасна пресуда на Меѓународниот суд на правдата дека Грција не смее да ги попречува македонските интеграции во која било меѓународна организација.

- Мислам дека, општо земено, ниту една земја како САД не направила повеќе за поддршка на Македонија, од нејзината независност, а и претходно, за пошироката транзиција, за развојот на демократските институции и цивилното општество. Имаме дадено околу милијарда долари помош за програми, вклучувајќи и работи од одбраната, со цел македонско членство во НАТО, за да се исполнат критериумите кои ние мислиме дека земјата ги исполни, а и Северно-атлантскиот совет го потврди тоа на Самитот во Букурешт во 2008 година. Се разбира, како што знаеме, Северно-атлантскиот совет донесе одлука дека Македонија ќе добие покана за членство откако т.н. прашање за името ќе се реши со Грција. За несреќа, тоа прашање и по пет години останува нерешено. Тоа е што треба да се случи со НАТО, посочи Рикер.

Според заменик-помошникот на американскиот државен секретар, ЕУ ги храбри таквите ангажмани, што го прават и САД, во однос на процесот што со посредство на Нимиц се води преку Обединетите нации.

- Неодамна бев во Скопје на Министерскиот состанок на САД-Јадранската повелба, со кој се обидуваме со Македонија и другите земји од регионот да ги подготвиме за членство во НАТО и за засилување на регионални врски. Ние продолжуваме да ја имаме истата позиција и политика од претходно, што ја имаме долго, а тоа е дека сакаме да ја видиме Македонија како членка на НАТО и земјата да напредува во европската перспектива. Јасно, тоа ќе вклучи решавање на прашањете за името што, според САД, ќе се случи ако се седне и се дискутира за прашањето преку процесот што го води преговарачот Нимиц. Ние ќе продолжиме да ги повикуваме двете страни, Македонија и Грција, да ја искористат оваа можност, да се фокусираат на тоа што е вистинско прашање, а не да бидат вовлечени во прашања што никогаш не ни биле вклучени. Нашата порака и надеж е дека ќе видиме прогрес во таа насока. Секој чекор е важен и се надевам дека ќе има наскоро промена во ова, оти поминаа многу години и сакаме да видиме Македонија да не стагнира во време кога регионот се движи напред, истакнал Рикер.

На прашањето да даде коментар што и една недела по писмото на македонскиот премиер Никола Груевски до неговиот грчки колега Андонис Самарас за формирање на заеднички тимови кои тие двајца би ги предводеле со цел да се реши, Грците не одговараат, Рикер повторил дека “според САД, секој чекор преземен во таа насока е позитивен ако води до дијалог, разјаснување што треба да се направи и фокусирање на прашањето“. Сепак, за тоа зошто официјална Атина не одговара на писмото, тој порачал да биде прашана Владата во Грција.

НА прашањето дали ако се договори ново име, САД кои веќе ја признале Македонија под нејзиното уставно име, ќе ја поништат својата одлука и ќе го прифатат новото име или ќе останат на својата претходна одлука, Рикер со познат одговор:

- Ние сме подготвени да прифатиме се што двете страни ќе најдат како решение со цел придвижување напред, посочил тој.

Поголемиот дел од брифингот во американската Мисија при ЕУ во Брисел, Рикер го искористил за поздравување на членството на Хрватска во Унијата, доделениот датум за преговори за Србиај и за Договор за стабилизација и асоцијација со Косово, при што посочи дека тоа е доказ дека “проширувањето на ЕУ продолжува“. Рикер ја искористил можноста и да ги искритикува политичките лидери на Босна и Херцеговина, кои според него се далеку подобро платени од она што просечно се заработува во оваа земја, но “недоволно работат за земјата да напредува и да си ја заработат платата“.

Тој избегнал директно да одговори дали се вистински гласините дека наскоро ќе стане официјален конзул на САД во Милано, Италија. Потврди дека Конзулатот ќе се отвори следната година, а дека дотогаш тој останува на сегашната позиција.

Извор: МИА

најчитано сега