Камерон: Енди Мареј да биде одликуван со титула „сер“

Премиерот на Велика Британија Дејвид Камерон импресиониран од изданието на Вимблдон на тенисерот Енди Мареј со титулата „сер“.

- Не можам да замислам кој друг во овој момент повеќе од него заслужува да биде одликуван, изјави Камерон не криејќи го своето воодушевување од победата на 26-годишниот британски тенисер од Шкотска.

Според Камерон кој го проследи мечот од кралската ложат истакна дека Мареј го подигнал духот на целата држава.

- Тоа беше фантастичен ден за Мареј, за британскиот тенис и за цела Велика Британија, изјави Камерон.

Британската јавност со воодушевување и еуфорија ја поздрави првата победа на еден тенисер од Велика Британија на турнирот во Вимблдон по цели 76 години. Последниот Британец кој пред Мареј беше победник на неофицијалното светско првенство во тенис беше Фред Пери.

Финалето на турнирот и победата на домашниот тенисер преку малите екрани го следеле дури 17,5 милиони гледачи во Велика Британија.

- Историска победа од едно историско момче, пишува денешен „Тајмс“, додека „Фајненшл Тајмс“ констатира дека „конечно е урнат еден тажен и неславен рекорд“ да се чека на победа на турнирот уште од 1936 година.

Енди Мареј во јануари оваа година беше одликуван со орденот „Ред на британската империја“ за освојувањето на златниот медал на ланската Олимпијада во Лондон, заедно со група британски олимпијци кои на Игрите се закитија со златни медали.

Премиерот во Велика Британија не може да одликува никого, ниту пак да предложи. Предлог за тоа дава посебна независна комисија, а Владата го потврдува таквиот предлог. Одликувањата ги врачува британската кралица.

Енди Мареј попладнево ќе го посети Даунинг стрит 10, каде ќе биде примен од премиерот Дејвид Камерон.

најчитано сега