Врвниот пијанист Жан-Ефлам Бавузе на концертот „Виртуози“ на Филхармонија
Врвниот француски пијанист Жан-Ефлам Бавузе ќе настапи вечер со Македонската филхармонија на последниот концерт од циклусот „Виртуози“, на кој ќе го изведе Концертот број 2 за пијано и оркестар од Сергеј Прокофјев.
Диригентот Емил Табаков од Бугарија ќе го предводи оркестарот во уште едно ремек-дело на светската музичка литература - Свитата број 2 од балетот „Ромео и Јулија“ од Сергеј Прокофјев.
Жан-Ефлам Бавузе е меѓу најбараните пијанисти на денешницата, прогласен за уметник на годината во 2012 година и добитник на бројни награди и признанија за аудиозаписите со дела од Дебиси, Равел, Хајдн и Барток. Музичката критика го оценува како „интелигентен пијанист, кој сака да истражува“, додека неговите интерпретации се одликуваат со „бројни нијанси и техничка прецизност“.
Како поранешен студент на Пјер Санкан на Парискиот конзерваториум, Жан-Ефлам Бавузе во 1995 година е поканет од сер Џорџ Шолти да дебитира со Оркестарот на Париз и се смета за последното откритие на маестрото.
Бавузе е еден од најангажираните пијанисти на својата генерација и редовно настапува со диригенти како: Пјер Булез, Валери Гергиев, Нееме Јарви, Инго Мецмахер, Ендрју Дејвис, Кшиштоф Урбански и многу други. Редовно настапува во центарот Саутбенк, Вигмор хол, на фестивалот „Ла рок д’Антерон“, Концертгебау во Амстердам, концертната сала „Забранет град“ во Пекинг каде што неодамна му е доделена награда за најдобар инструментален рецитал за изведбата на циклусот на Бетовеновите „Сонати за пијано“.
Ексклузивец на издавачката куќа „Чандос“, Жан-Ефлам Бавузе е добитник на наградата „Грамофон“ во 2011 година, за аудиозаписите на дела од Дебиси и од Равел (со Симфонискиот оркестар на Би-Би-Си и Јан Паскал Тортелје), а компакт-дискот со концертите за пијано на Барток (со Филхармонијата на Би-Би-Си и Џанандреа Носеда) е номиниран во соодветната категорија. Бавузе е уметнички директор на пијанистичкиот фестивал „Лофотен“ во Норвешка.
Концертот на Бавузе со Македонската филхармонија се реализира во соработка со Францускиот институт во Скопје.
МИА
ФОТО: Денешен.мк