Тргна новиот инвестициски бран, се очекуваат нови странски инвестиции

 

Тргна новиот инвестициски бран во Македонија. Се зголемува бројот на странски компании кои носат или се во финална фаза од носењето одлуки за инвестирање во земјава. Последна во низата е американската „Џонсон Контролс“. Гигантот од автомобилскиот сектор, кој веќе има активно производство во Штип, донесе одлука да отвори нов капацитет во Струмица. Инвестицијата од 20 милиони долари ќе креира 1.500 работни места. „Џонсон Контролс“ по веќе испробаниот рецепт тргнува како браунфилд вложување, и тоа идната година во веќе постоечки објект, а до крајот на 2017-та ќе се трансформира во целосна гринфилд инвестиција. Американските менаџери велат дека е многу остварливо, ако производството оди согласно проекциите, бројот на вработени да се зголеми на вкупно 3.000 луѓе, пишува Лидер.

-Ние се соочуваме со капацитетски предизвици во Европа, направивме истражувања на пазарот и по проверката на успешноста на капацитетите дојдовме до заклучок дека она што треба да го направиме е да инвестираме токму овде“ – изјави директорот во компанијата, Вили Ван Лои.

Компанијата која прва го скрши мразот и инвестираше во Бунарџик, беше и првиот инвеститор во слободната зона во Штип, а сега по трет пат ќе поставува нови стандарди, што сигнализира дека на Американците им одговара бизнис – климата во Македонија.

-Ова е потврда на нашите напори и активности кои ги правиме за подобрување на бизнис – климата, компаниите не само што инвестираат, туку и реинвестираат, вели првиот човек на слободните зони, Виктор Мизо.

Инвестицискиот план на „Џонсон Контролс“ предвидува до крајот на годинава да се отворат и првите работни места поврзани со новата инвестиција, во 2016-та бројката на работници треба да достигне 300.

-Тие во Штип во почетокот предвидуваа да се вработат 1.250 луѓе, а сега се вкупно 1.700, истите бројки планираме да се реализираат и во Струмица, а однапред се алоцира и доволно простор за проширување, додава Мизо.

Нови инвестиции до крајот на годинава

До крајот на годинава ќе има и нови странски инвестиции. Премиерот Груевски најави отворање на неколку фабрики, а тој во случајот со „Џонсон Контролс“ се држеше до зборот даден во август.

-Во финални преговори сме со глобална компанија со седиште во Америка за производство на автомобилски делови, која планира да инвестира во ТИРЗ Струмица и да отвори нови 1.500 работни места, рече тогаш Груевски.

Како нови инвеститори во земјава се јавуваат бугарската „Мусала софт“, компанија која веќе има регистрирано фирма во Скопје и почна да вработува висококвалификуван кадар. За две до три години во план е да отвори 300 работни места.

Во Скопје е најавено дека ќе се позиционира и уште една компанија од Израел, а две компании влегуваат во битолската зона Жабени.

-Се работи за италијанска компанија од прехранбената индустрија за откуп и преработка на овошје и зеленчук. Се очекува директно вработување на 100 луѓе, но и индиректна поволност за производителите кои ќе имаат гаранција за откупот на родот. Турската компанија е за земјоделска механизација, открива градоначалникот Талески.

На Бунарџик во финална фаза е новиот погон на „Текнохозе“ и на „Капкон“. Во зоната меѓу Охрид и Струга, по „ОДВ Електрик“ почнува да гради и германски „Костал“, „Гентерм“ отвора 2.000 работни места во Прилеп.

-Работни места се отвораат и ќе се отвораат. „Дрекселмаер“ од Кавадарци има вработено 5.358 лица, „Кромберг и Шуберт“ во Битола има вработено 2.091 лице со план за уште илјада, „Џонсон Мети“ и „Ван Хул“ имаат по 600 работници, „Амфенол“ во Кочани 484 работници, а ќе вработи вкупно 1.500, „Џонсон Контролс“ во Штип има 1.600 луѓе, „Кемет Електроникс“ досега вработил 257, а ќе вработи вкупно 500 луѓе,„Гентерм“ во Прилеп вработил 154, а ќе вработи вкупно 2.000 луѓе. „ОДВ Електрик“ во ТИРЗ Охрид/Струга ќе вработи вкупно 1.000 лица, „Маркард“ во Велес ќе отвори 600 работни места, „Техникал Текстајлс“ во Штип 500, „КСС“ во Кичево ќе отвори 1.000 работни места, „Костал“ во Охрид е предвидено да отвори 1.000 работни места. Досега во технолошко – индустриските и во индустриските зони од странските директни инвестиции се отворија 13.441 работни места, се обезбеди егзистенцијата на 13.441 семејство, вели вицепремиерот и министер за финансии Ставрески.

Нема зима за странците!

Бројот на вработени во зоните и надвор од нив се зголемува во континуитет, што се рефлектира и на рекордно ниската стапка на невработеност во земјава, извозот урива рекорди, во земјава влегуваат нови СДИ. Вкупната вредност на странските инвестиции до август изнесува 153,4 милиони евра, за 8,7 милиони повеќе во однос на истиот период лани или раст од 6%. Извозот за 10 месеци брои 1,2 милијарди евра, а се очекува до крајот на годинава да се зголеми на 1,4 милијарди евра.

Странците работат под полна пареа, а бенефит имаат и домашните фирми, кои веќе се вклучени во синџирот на добавување.  500 македонски фирми соработуваат со странските инвеститори, што креира индиректни работни места, овозможува трансфер на знаења и технологии, повисока додадена вредност. Нашите фирми од ваквата соработка досега инкасирале околу 50 милиони евра.

-За домашните фирми тоа значи повеќе работи, трансфер на знаење и технологии, воведување нои стандарди во работата, инвестиции во самите компании, а со тоа и зголемување на конкурентноста и на можностите за извоз на странските пазари, објаснува директорот на ССК, Митко Алексов.

-Ние дефинитивно станавме дел од светскиот синџир на вредности во автомобилската индустрија, резултатите се видливи кај растот на вработеноста, кај стекнувањето нови знаења и вештини, смета и Билјана Пеева – Ѓуриќ од Стопанската комора.

 

 
 
04.11.2015 - 09:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега