Груевски: Бразилците се импресионирани од бизнис можностите во Македонија
Бразилски компании со кои владиниот тим предводен од премиерот Никола Груевски синоќа во Сао Паоло имал одделни состаноци, покажале интерес по презентираните можности за правење бизнис во Македонија и за отворање нивни фабрики.
- Имавме неколку средби со компании од различни индустрии - од автомобилската, авиоиндустријата, прехранбената и од медицината. Со некои сме во понапредна фаза, односно некој чекор или контакт е веќе направен, со некои сме во првична, мотивациска фаза, кога се обидуваме да им ги објасниме основните услови за правење бизнис, така што се надевам дека дел од нив ќе најдат интерес прво да дојдат во Македонија за да ги видат условите, а потоа и да донесат одлука за инвестирање. Од она што го слушнаа имаше одлични реакции, пред се заради условите што ги нуди Македонија, изјави премиерот Груевски.
Тој посочи дека даноците и другите трошоци за правење бизнис во Бразил се многу повисоки отколку во Македонија и поради тоа потенцијалните инвеститори гледаат на нашата земја не само како локација каде што би ги продавале своите производи, туку и место од кое нивниот бизнис би ја покрил цела Европа или пошироко.
- Ние така и ја презентираме Македонија, на тој начин се обидуваме да го продадеме нашиот пазар на инвеститорите - како пазар и локација од каде што може да се инвестира и да се продава во цела Европа и насекаде во светот, поради поволностите што ги нуди нашата држава. Сите беа задоволни од условите, дури, би рекол, и импресионирани од бизнис-можностите во Македонија. Но, се рабира, секој од нив треба да ги проанализира денешните разговори со нивните компании, со нивните бордови. Ние ќе бидеме во контакт, инвестицискиот промотор во Бразил ќе продолжи да комуницира со нив во обид да ги убеди да дојдат во Македонија. Значи, ќе продолжиме да ги одржуваме контактите во обид да ги привлечеме да донесат конечна одлука, додаде претседателот на Владата.
Економската презентација на Македонија од Бразил се сели во Аргентина
ФОТО: МИА