Намалување на невработеноста и креирање нови работни места: Економијата жилава-растот остварлив

 

Капиталните инвестиции, домашната потрошувачка и странските вложувања во следниот период ќе бидат главни двигатели на растот. Експертите сметаат дека  Македонија има стабилно макроекономско опкружување, а фокусот на надлежните останува на реформите, намалувањето на стапката на невработеност, поттикнувањето на инвестициите, пишува Лидер.

Според последните прогнози од Брисел, Македонија според растот на бруто домашниот производ, в година ќе биде трета во Европа. Европската комисија очекува во 2016-та година Македонија да забележи економски раст од 3,5 проценти. Овие проекции, ако се земат в предвид случувања на домашната политичка сцена и екстерните влијанија, покажуваат дека домашната економија е исклучително жилава. Тоа според аналитичарите, е заслуга на добро поставените економски политики.

-Секој што ја анализира макроекономската состојба во Македонија може да дојде до сопствени заклучоци, но ние остануваме фокусирани на намалувањето на невработеноста, создавањето нови работни места, поттикнување на инвестициите и генерално, раст на економијата, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Европските аналитичари велат дека стабилното макроекономско окружување поддржано од соодветна монетарна политика овозможува амбиент за влез на пазарот. Забележан е прогрес во диверзификација на структурата на извозот како резултат на директните инвестиции, трговијата и зајакнатите инвестициски врски со ЕУ. Странските инвестиции и капиталните вложувања го зголемуваат растот, извозот и вработеноста, стои во извештајот на ЕК.

-Растот ќе се должи на одредени активности кои досега беа преземени или очекуваме да се преземат, а кои првенствено се насочени кон натамошното засилување на инвестициите во јавната инфраструктура, засилената домашна потрошувачка, што е позитивно изненадување, како и извозот кој што ни доаѓа од странските инвестиции, односно слободните зони, вели универзитетскиот професор, Томе Неновски.

Позитивни трендови

Индустриското производство продолжува да расте, движено најмногу од преработувачкиот сектор. Во септември е регистриран раст од 8,6 проценти. Бизнисмените велат дека овие податоци охрабруваат и влеваат оптимизам дека ќе се испорача проектираниот раст на БДП.

Индустријата бележи позитивни трендови кои ќе продолжат и во иднина – оценуваат од Сојузот на стопански комори.

-Градежништвото, останатите 20 индустриски сектори кои се поврзани со градежништвото, ќе бидат носители на понатамошниот раст на индустриското производство, меѓутоа, ќе придонесат за раст и на бруто- домашниот производ во третиот квартал, вели извршниот директор на ССК, Митко Алексов.

Истовремено се намалува стапката на невработеност.  Од 34% во 2008-та е симната на 28% лани и продолжува да опаѓа. Според професорот Пејковски, континуираниот тренд на намалување на стапката на невработеност е резултат на повеќе активности и влијанија.

-Од една стана имаме значителни инвестиции во инфраструктурата кои повлекуваат значителен капитал и значителен обем на работна сила. Од друга страна има активни политики за вработување кои се двострани- и на страна на работодавачите и на страна на работниците. Работодавачите се стимулирани да ангажираат работна сила со тоа што трошоците за неа ги покрива државата. Во овој случај, во една синергија на повеќе мерки, како и инвестиции, и домашни и странски, како и поттикнувачки мерки и активни политики се влијае на невработеноста, вели универзитетскиот професорот Јован Пејковски.

Континуираниот влез на странските инвеститори, активните мерки за вработување, капиталните инвестиции во инфраструктурата, како и финансиската поддршка за домашните компании, според аналитичарите, најмногу влијаат на намалувањето на невработеноста.

Проценките на експертите велат дека македонската економија, со сите реформи е добро позиционирана да оствари високи стапки на раст и натамошно намалување на невработеноста. Експертите се согласни- ако немаше политичка криза, растот ќе беше уште поголем.

 
 
12.11.2015 - 08:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега