Тарантелата на СДСМ: танц или убод од смртоносен пајак?

Една изјава на Зоран Заев и една телеграма на техничкиот министер МВР, Оливер Спасовски, ме потсетија на Роланд Реган, кој во една пригода рекол: „Политиката е вториот најстар занает на светот. Мене многу ме потсетува на првиот“...на проституцијата, де, ви текнува. Од овој неприроден брак, се раѓа и непризнаеното чедо, политичка проституција.

 

Инаку, политичката проституција, јавно од сите е осудувана, ама под маса без малку сите непристојно се потфаќаат и уживаат во нејзиното практицирање. Сепак, за наши прилики, најголеми нејзини уживатели се СДСМ и Зоран Заев на челу колоне. Толку се излигавија со странците, толку се испроституираа со нив, граѓанскиот сектор и јавноста, што јазикот им е сув, а колениците искинати од коленичење. Kој да ти мисли за ’рбетот, тој и така одамна е извиткан до пред кршење. Така е кога едно се мисли (како по секоја цена да се освои власта), друго се зборува (демократија, човекови права, владеење на правото и праведност), а трето се прави (наместо експерти се предлагаат испорачувачи на телеграми). Но, да одам со ред, т.е. од почеток. На дело видовме еден первертиран политички менталитет. Дијалог на оглушени и занемени. Дијалог без граѓани. Прашувам каков е тој дијалог за граѓаните, а без нив? Ама затоа не е можен дијалог без странци. И тоа дијалог со посебен и специјален квалитет. Странците ни кажуваат кого да избираме за специјален обвинител, тие се предлагачи на закони, за кои опозицијата не може да се договори со власта. Тоа е еден вид специјална делиберативна демократија: малку од власта, најчесто подготвеност да се направи отстапка, повеќе од опозицијата, да ~ се исполни музичка желба, а најповеќе според тоа што ќе наложат странците.

Така и на тој начин стручните и многу способни странски олеснувачи од нашиот Устав направија специјален Устав: важи само ако со нив се договорени важноста и неговата примена. Инаку, нема гаранции дека важи. Тоа се тешки искривоколчувања на Уставот на Р. Македонија и суспендирање и селективна примена на законите. На кого како ќе му текне, и на кого како му чини. Чудна некоја делиберативна демократија на племенските главатари. Тие самите со себе се договараат како да се извршува власта, кои од законите да се спроведуваат, кои не, на кого да се однесуваат Уставот и законите, на кого не. Браво бе! Ова ќе да е најновото и највисокото достигнување на новата договорна демократија. Послание според Бејли. Житие од Заев. Не помина во Турција, ама во Македонија има шанси. Тука е апостолот на социјалдемократијата Зоран Заев. Тој се прифаќа, кај него с` поминува, чиниш Фајрабонд му е вујко, ама и владика, па прави с` што ќе му се посака, само и само да ја заграби власта. Не е дека немаме примери од кои можеме да учиме како да постапуваме. Мене, сепак, повеќе ми се чини дека не сакаме да научиме. 

Некои држави тоа го решаваат на малку поинаков начин. Така, кога во една прилика амбасадорот на ЕУ во Хрватска побарал од одговорните во една жупанија да му дадат некои информација, а притоа си дал за право неосновано да ги критикува луѓето во жупанијата, премиерот едноставно го упатил на читање на Виенската конвенција за тоа што се должностите на дипломатите во една суверена држава. Е и ова кај нас е малку поинаку, малку повеќе первертирано. Виенската конвенција пред с` треба да ја читаат нашите политички лидери, особено оние на опозицијата кои и на уринирање не одат без мислење од претставниците на меѓународната заедница. Ми наликуваат на тарантела, во кој има и танц и отровни бакнежи. Инаку, тарантелата е поим од музиката. Во музичките енциклопедии се наоѓаат објаснувања дека тоа и лесен и жив неаполски танц. Но, доколку некој Италијанец го прашате што е тарантела, тој ќе ви каже дека тоа е и вид опасен пајак, чиј убод е отровен и смртоносен. Мислам дека тарантелата добро и соодветно може да ја симболизира бонсаи и кататоничната состојба во која се наоѓа нашата опозиција предводена од СДСМ. Kога вербално настапуваат чиниш како да го играат најживиот танц на политиката, и како да ја пеат одата на добросостојбата на средната класа, која претходно ја уништија. Ама штом ќе почнат да дејствуваат, најпрвин се гледа едно шлајфуфање во место, а потоа добивате неодоливо чувство дека се што ќе допрат угинува од отровот што произлегува од нивната пословична некадарност. Професор Мирчев би рекол: „Што да правиш, тоа е палеолитот на нивната духовна состојба“. Но, имаат и светли моменти, та посветли не можат да бидат. Така, Заев на 11. 11. 2015 година во типично класичен филозофски излив (преку милозвучна нарација), еднаков на првокласна екстаза на неговиот дух обзнани:Јас по изборите во април 2016 година, нема повеќе да бидам градоначалник на Струмица, туку премиер на Владата на Република Македонија. Тој со тоа го доживеа своето просветлување на индивидуализацијата, т. е. преминот од еден во друг персоналитет: од-јас-градоначалникот, во јас-за-себеси-Премиерот на Владата на Република Македонија. Го снајде егзистенцијалната закана на себевидувањето низ оптиката на Другиот. Тоа ти е криза на идентитетот, која се раѓа од примарната онтолошка несигурност и доведува до видување на себеси како друг. Додека другите мислат дека тој гледа на гравчиња или во кристалната топка на политиката, и го восприемаат како заблудено и заталкано Божјо чедо, тој себеси се доживува како јунак пар екселанс, бидејќи со специјалните розови очила на Семјон Семјониовиќ, тој се гледа како победник-Премиер, на избори кои сеуште не се случиле. Тоа ти е еден вид на опседнатост со туѓа душа, феномен што многу добро го има разработено Михаил Бахтин во своето дело „Авторот и јунакот во естетската активност“. Е овој наш јунак, прави чуда и со употреба антианалепца извршува еден митски потфат – навраќање во иднината – или филозофски кажано оди во потрагата по своето „зрело јас“, и вампири ни помалку, ни повеќе туку во Премиер на Владата на Република Македонија (време на случување, блиска иднина - април 2016; место на настанот Република Македонија). И сега ете ти проблем! Од тој момент, тој е несвесен дека си има работа со демонот на Другоста, оној кој побудува непознати трансформации, оној кој ја открива фундаменталната раслоеност на личноста, битие на заканата, вестител на самоомразата, кој што ниту самиот не е имун на шизоидни расцепи (Елизабета Шелева, „Kултуролошки есеи“, Магор, 2000, Скопје). Па така сега со него одат две сенки. Едната напред, сенката на Заев-Премиерот, а другата назад, сенката на Заев-градоначалникот. Чинам многу брзо ќе се здобие со уште една сенка, ама отом потом, да не испадне ова гледање во филџан од испиено кафе.

Збор два и за ноќниот фантом на македонската полиција, кој љуби да испорачува телеграми ноќе, чиниш е сдсмовски „Федекс“. Погодувате се работи за Оливер Спасовски. Најверојатно после полноќната партија карти и притискањето на копчињата од политичката слот машина на СДСМ, овој технички министер од СДСМ во Владата на Република Македонија, со телеграма, во стилот на „писмото на Тито по 21-та седница на ЦK на СKЈ“ до сите партиски организации во поранешна Југославија, одлучи да ги развласти сите овластени лица во МВР, така што во тој момент одговорно лице во МВР остана само тој. И сега прашувам: што ќе беше со нас, не дај Боже, ноќта на ужасот, ноќта на хоророт да се случеше во Скопје, а не во Париз? Kој ќе н` бранеше, кој ќе н` заштитуваше? Оливер Спасовски!?! Ајде, ајде, скраја да е. Ама, да не заборавиме, ѓаволот ниту ора,ниту копа, а се појавува на места и во време кога најмалку очекуваме. Ги имаме илјадниците бегалци, мигранти, а нешто друго во Македонија и на нашите граници, ги имаме јатаците на учките, кои се кријат, и чекаат погодни моменти да н` дестабилизираат, а министерот го парализира единствениот безбедносен систем во државата, кој според Уставот ја гарантира безбедноста и гиштити јавниот ред и мир. Познавачите на работите се непријатно изненадени и запрепастени. Тоа е непочитување на договореното, но и прекршување на одредбите на законот (каде е другиот потпис, за кого се залагаа со милите им странци?). Мислам дека тој со ова не кажа с`, и дека може и повеќе. Имам некое чудно претчувство дека многу скоро ќе проработи неговиот директен линк со специјалната обвинителка, па тогаш сите ќе се чудиме што ја снашло Република Македонија. Ајде Бог нека н` чува и брани од неукоста и неумноста на техничкиот министер на МВР, и од сдсмовсците што ни го испорачаа, и убаво ни го сместија. Уф, за малку ќе заборавев: Роналд Реган бил во право 102,5 насто.

Сотир Костов за ДНЕВНИК

 
 
27.11.2015 - 11:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега