Можност за вработувања: 80 компании бараат работници
Повеќе од 80 приватни компании ги претставуваат можностите за вработување на невработените лица, учениците и студентите на осмиот Саем за вработување годинава што денеска се одржува во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Од минатогодишната серија на вакви саеми директно се вработени 600 лица, а компаниите пројавиле интерес и го започнале процесот на вработување на над 1.500 лица. Годинава заклучно со седмиот саем во Куманово директно се вработени 228 лица, а во наредните месец и половина ќе бидат вработени уште 290. Примени се 4.000 ЦВ, а над 900 лица се повикани на интервју.
- Сите што сте денеска дојдени барем на еден начин ќе имате корист од овој саем независно дали ќе најдете работа или ќе видите кои се оние веештини што се потребни за да се најде работа, порача вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на отворањето на Саемот за вработување.
Тој прецизира дека Владата на Република Македонија и Агенцијата за вработување втора година по ред организира саеми за вработување, а годинава веќе се реализирани саеми во Велес, Прилеп, Струга, Кочани, Радовиш, Гостивар и Куманово.
- На саемот на едно место се наоѓаат голем број на работодавачи и лица кои сакаат да најдат работа и убеден сум дека добар дел од нив ќе најдат соодветни работни места и квалификувана работна сила, рече Пешевски, нагласувајќи дека намалувањето на невработеноста е еден од главните приоритети на Владата.
Тој посочи дека и денешниот саем за вработување е во контекст на сите активности што се преземаат за подобрување на состојбата на пазарот на трудот и додаде дека во изминатите осум години се отворени над 140 илјади работни места, а невработеноста е намалена за 12 процентни поени.
Заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека денешниот саем е осми по ред и последен во годинава што се реализира преку Агенцијата за вработување.
- Целта на овој саем е невработените лица побрзо и полесно да дојдат во контакт со компаниите кои имаат потреба од нови работници. Преку саемите многу побрзо ги поврзуваме понудата и побарувачката на пазарот на труд, но ги користиме и за презенатација на можностите и мерките кои ги реализира Владата во насока на зголемување на бројот на новоотворени работни места, како и активните мерки и политики за вработување, изјави Спасов.
На овој саем, како што посочи, ќе биде промовиран и презентирани и новиот Оперативен план за вработување за 2016 година во кој сепредвидени над 27 мерки и обуки и 710 милиони денари за нивна реализација кои ќе одат директно кај приватните компании.
- Средствата ќе бидат насочени за поголема помош и поддршка на невработените лица за да се стекнат со дополнителни вештини и да се обучат, но и да се субвенционираат работни места. Во оперативниот план е предвиден и посебен дел за лицата со инвалидност и околу 250 илјади денари за реализација на мерки за нивно вработување. Околу 50 милиони денари се предвидени за грант за самовработување на лицата со инвалидност, а 200 милиони за субвенционирање на вработувања на овие лица, рече Спасов и додаде дека секоја компанија која ќе вработи инвалидизирано лице ќе добие околу 20 просечни плати.
Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски рече дека денешниот саем не е само за вработување, туку и за избор на идна кариера.
- Младите денеска имаат можност да погледнат какви работни места и квалификации им се потребни на компаниите и во иднина да изберат самите како ќе се образвуваат и во кое училиште и факултет ќе се запишат за да не бидат невработени, рече Поповски.
Тој истакна дека со активните мерки за вработување најмногу се опфатени лицата до 35-годишна возраст, но има солиден интерес и за лицата над 50 и над 58 години старост.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа