Мизо: Извозот од зоните над очекувањата

 

Извозот од технолошко-индустриските зони расте и очекувањата се годината да ја завршиме над проекциите што ги направивме на почетокот од годината, оценува директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.

- Очекуваме раст посебно поради тоа што декември е многу специфичен месец поради предновогодишните празници посебно во Западна Европа, бидејќи дел од овие компании во тој период обично не работат, а компаниите на кои тие треба да го пласираат својот производ исто така нема да работат. Но, има можност овој месец да го завршиме со дополнителни над 100 милиони евра, така што ќе стигнеме до една бројка од помалку од 1,5 милијарди евра извоз за целата година. Ако споредиме со минатата кога имавме милијарда и 170 милиони, ова е далеку над проекциите и очекувањата кои ги направивме на почетокот од годинава врз основа на проекциите на компаниите. Истовремено расте и разликата помеѓу извозот и увозот. Доколку лани имавме една бројка од 140 милиони, оваа година таа е над 215 милиони, вели Мизо во интервју за Македонската радио телевизија.

Тој истакнува дека неколку нови компании веќе имаат донесено интерни одлуки за инвестирање во Македонија и оти би имало можност до крајот на годината да бидат и официјално објавени. 

- Истовремено се очекува да започнат со работа и дел од компаниите кои веќе го завршија својот производствен погон. Очекувам во следните 2-3 неколку компании истовремено официјално да започнат со работа, така што оптимист сум, не само до крајот на оваа година, туку продолжуваме со истото темпо. Целиот тим кој работи на странските инвестиции активно преговара. Во првиот квартал од идната година очекувам и нови позитивни одлуки, потенцира Мизо.

Осврнувајќи се на трите нови компании Монтанте, Гентерм и Левидиагро кои веќе ги реализираа своите инвестиции во Македонија, директорот Мизо оценува дека е добро тоа што се работи за компании кои доаѓаат од различни сектори и различни држави и оти најважно е тоа што се дисперзирани низ територијата на целата држава.

-  Она што го имавме до пред 5-6 години кога компаниите најчесто го избираа Скопје за своите производствени дејности, сега гледаме дека се поголем број на компании се позиционираат во внатрешноста, што значи дека политиката за креирање на рамномерен економски развој функционира за сите луѓе од различни делови државата, врз основа на нивните квалификации, но истовремено да имаме развој во сите региони од државата, за локалната економија да може да заживее, вели Мизо.

 
 
05.12.2015 - 13:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега