НОВИ РАБОТНИ МЕСТА: Четири странски инвестиции во Тетово

 

Министерот за економија Беким Незири денеска беше во посета на технолошко развојната зона - Тетово, при што се сретна со генералниот директор на компанијата „Нордмак инвестмент груп“ Арбен Халили што стопанисува со зоната.

Главна тема на разговорите беше работењето на зоната и активностите за зголемување на бројот на странските инвестиции во неа. Халили посочи дека по надминување на прашањата за прибирање на потребната документација, четири странски компании потпишале договори за инвестирање во зоната кај Тетово.

- Една од најголемите и најважните компании е американската компанија „Леар“ што веќе го отпочна своето производство во Гостивар, а веќе го зедовме решението за подготвителните работи и до крајот на неделава ќе го добиеме и решението за градба. Согласно потпишаниот договор и бизнис планот на компанијата „Леар“ во нашата зона треба да отпочне со производство до средината на мај следната година при што бројот на вработени треба да биде од 350 до 800 во првата фаза, а вкупната бројка вработени треба да достигне 2.500 лица, изјави Халили.

Тој посочи дека главни проблеми што веќе се надминати со измените на Законот за слободни економски зони, е тоа што инвеститорите досега морале да имаат решение за градба и целосен проект, додека со измените се дозволува да се започне со процедурата и со идеен проект што го скусува времето за 3 до 6 месеци и ја олеснува целата процедура.

Во однос на другите активности како подобар пристапен пат до зоната Тетово, министерот Незири најави дека надлежното Министерство има изработено Мастер план за економската зона кај Тетово што ги вклучува сите потребни работи што треба да се направат исто како и за другите 14 слободни економски зони низ земјата.

- Вработувањата во слободната економска зона во Тетово веќе се започнати со вработувања што компанијата „Леар“ ги има во Гостивар и кои од сегашните 150 треба по отворањето на фабриката во средината на мај следната година да достигнат 800 лица. Доколку има отстапувања од овој најавен план ние заедно со сите вклучени во активностите ќе седнеме да видиме дали принципот на јавно приватно партнерство во зоната Тетово ќе продолжи да функционир или не. Како Министерство со измените на Законот за слободни економски зони уште повеќе ја упростивме процедурата што има за цел привлекување на што повеќе странски инвестиции и во зоната Тетово и во другите зони низ Македонија, а со тоа зголемување на извозот и порат на БДП, рече министерот Незири.

 
 
09.12.2015 - 14:11
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега