Детали за убиството во Струга: Откриен идентитетот на убиениот

Стружанецот И.Ф. го загуби животот, а две лица се повредени во меѓусебна престрелка на две групи што синоќа околу 22 часот се случила на локалниот пат Струга – Долна Белица.

Во престрелката тешко е повреден И.П. кој поради сериозноста на повредите е префрлен на Скопските клиники, а Б.Б. со прострелни рани по направените хирушки интервенции е задржан на лекување во Општата болница во Струга.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга издал наредба за обдукција на починатото лице, за прибирање и вештачење на траги од лице место. Возилото од кое се пукало е испратено на вештачење и обработка.

- Престрелката се случила кога на група лица било пукано од возило во кое се наоѓале неколкумина. Првичните сознанија за причината за настанот се меѓусебните нарушени односи. По настанот, сторителите го напуштиле местото и во моментов се недостапни на органите на прогонот, соопшти Јавното обвинителство-Струга.

Хирургот Берат Лена од Струшката општа болница информира дека во 22 часот и 15 минути во болницата биле донесени тројца пациенти, од кои едниот веќе бил починат.

- Влезната рана му беше во предел на левата слепоочница и немаше никакви знаци за живот. Другиот пациент беше со влезна рана во предел на стомакот над папокот, тенкото црево на три места беше повредено, а поврeден беше и левиот бубрег, уретерот на три места. Повредите ги саниравме, викнавме и уролог, кој го санираше уретерот. За време на операцијата пациентот беше стабилен и технички беа санирани сите повреди и моментално е на интензивна нега вон животна опасност, изјави Лена.

За третиот пациент, кој првично бил пратен во болницата за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид, поради сериозноста на повредите е префрлен на скопските клиники, од каде струшкиот хирург добил информација дека е во стабилна состојба и се чека негова интервенција. 

 
 
14.12.2015 - 12:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега