Двојно зголемување на македонскиот БДП од 2005 година наваму

 

Последните податоци од Статистика покажуваат дека владината проекција за раст на БДП од 3,5 отсто годинава ќе се оствари, со што Македонија во споредба со 28 земји од ЕУ би остварила втор најдобар раст на економијата, пишува Економски.мк.

Македонскиот БДП е речиси удвоен за девет години. Ако во 2005 година бруто домашниот производ изнесувал 308,4 милијарди денари во 2014 година изнесува 525,6 милијарди денари.

БДП-то по жител како основен индикатор за степенот на развој на економијата е зголемен од 3.072 долари во 2005 на 5.477 долари во 2014, или пораст за цели 78,3%.

Највисока стапка на раст на БДП на годишно ниво е забележана во 2007 година од 6,5%, пишува порталот.

Вчера Државниот завод за статистика ги објави резултатите за бруто домашниот производ за третиот квартал кои покажуваа раст од 3,5 отсто, или во просек за сите три квартала 3,4 отсто раст на БДП што оди во прилог дека владината проекција за раст на БДП од 3,5 отсто годинава ќе се оствари. Со тоа Македонија во споредба со 28 земји од ЕУ би остварила втор најдобар раст на економијата.

Статистиката покажува дека растот се должи најмногу на растот во градежништвото, но и на растот во услужните дејности и индустријата. Економските аналитичари коментираат дека во растот на бруто-домашниот производ голем удел имаат бруто инвестициите кои од 20 отсто од БДП во 2006 се зголемиле на 30 отсто од БДП во 2014, или за цели 10 процентни поени. Во бруто инвестициите спаѓаат капиталните инвестиции во јавниот сектор, како автопатиштата, училиштата, болниците, но и инвестициите во приватниот сектор, како фабриките кои ги отвараат странските инвеститори во Технолошко индустриските зони.

Според експертите намалувањето на невработеноста е директно поврзано со економскиот раст.

– Невработеноста е негативно поврзана со БДП, економскиот раст кој македонската економија го остварува последниве неколку години нормално значи и намалување на самата невработеност. Странските инвестиции претставуваат голема категорија преку која се зголемува БДП. Самото зголемување на БДП, пак, значи зголемување на вработеноста или пад на нејзината негативна манифестација, односно невработеноста, вели универзитетскиот професор Љупчо Давчев.

Инаку, според последните бројки на Државната статистика, невработеноста во Македонија е најниско историско ниво, проследена со отварање на нови 150.000 работни места.

 

 
 
15.12.2015 - 11:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега