Болницата во Струмица добива нова операциона сала
Министерството за здравство со сопствени средства во висина од 12 милиони ќе направи и опреми една операциона сала и ќе ги реновира постојните две операциони сали во Општата болница во Струмица. По целосното скенирање на состојбите и укажувањата од вработените, како и санитарно здравствениот инспектор, тоа е едно од најтесните грла во оваа здравствена установа.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Никола Тодоров на прес-конференција по завршувањето на петдневната работна посета на Општата болница во Струмица во рамки на проектот „Кајзен менаџмент”, на која информираше за преземените активности околу организационата поставеност на амбулантите во таа здравствена установа.
- Во постојните две операциони сали се вршеа хируршки интервенции од различни области и истите претставуваат опасност како за пациентите, така и за лекарите кои ги вршат интервенциите. Тендерот за овој проект завршува на почетокот од август, а градежните работи ќе траат еден месец. Во меѓувреме, пациентите од оваа подрачје ќе бидат згрижувани во болниците во Штип и Гевгелија, каде ќе работат и хирурзите од Струмичката болница, посочи Тодоров.
Тој рече дека минатите денови по целосносто согледување на одредени тесни грла во оваа болница, заедно со вработените и луѓето од нашиот тим извршиле просторна реорганизација на интерната, гинеколошката и ортопетската амбуланта со што овозможиле побрз и покомотен проток на пациентите и нормално функционирање на болницата.
- Извршивме и реорганизација и подобра искористеност на расположивите кадровскиот потецијал, па во интерната амбулата сменски ќе работат по тројца лекари, а по добивањето на опремата ќе следуваат и соодветни прераспоредувања на докторите и медицинскиот персонал. Оваа реорганизација и сите активности ќе стартуваат од понеделник, истакна Тодоров.
ФОТО: Нетпресс
Освнувајки се на активностите во имплементацијата на проектот „Мој термин”, Тодоров изрази задоволство што од понеделникот веќе координирано фунционира тој систем во овој дел од државата.
Одговарајќи на новинарско прашање за состојбата и начинот на решавање на проблемот со Гинеколошкото одделение во Струмичката болница, Тодоров посочи дека овој проблем бил анализиран деновиве и со оглед на обемот на работите неговото решавање ќе биде одложено.
- Размислувавме многу како да го решивме овој проект и одлучивме ова да го ставиме во Полио проектот кој што го имаме добиено од холандската Влада. Одлучивме овде да инвестираме поголеми средства и да изградиме регионален гинеколошко-акушерски центар кој ќе биде со стандарди по моделот на Гинекологија во Скопје. Овде денови веќе беа проектанти кои ги согледаа просторните можности во новото крило од Струмичката болница, додаде Тодоров.