Странските инвестиции носат раст на домашниот бизнис
Континуирано расте бројот на домашните компании кои активно соработуваат со странските директни инвеститори. Во моментов, повеќе од 500 домашни фирми соработуваат со странските инвеститори. Првичните проекции беа дека домашните компании од соработката со странците би заработиле 30 милиони евра, но сега оваа сума може да се искачи и на 50 милиони, како што се зголемува бројот на инвеститори на домашниот пазар, пишува Лидер.
Добар пример се компаниите од градежната индустрија, кои во последниве две години од соработката со странските инвеститори, во изградба на фабриките во зоните и инфраструктурното уредување, инкасирале вкупно 26 милиони евра.
Експертите велат- користа е двострана. За домашните компании соработката значи повеќе работа и развој, трансфер на знаења и нови технологии, нови стандарди, како и зголемена конкурентност и секако можност за извоз на странски пазари. Странските компании добиваат пониски трошоци за набавка и побрзо време на испорака. Резултатот е раст на економијата и креирање на нови работни места.
-Податоците велат дека некаде околу 500 домашните компании соработуваат со странските инвеститори. Кај нив се шири обемот на работа, на производство, на услуги, а и таму има нови, индиректни вработувања. Се отвора и можност за соработка со домашните образовни институции, како универзитетите, така и средните училишта. Се зајакнува и надворешната трговија, извозот од зоните расте. Воопшто, се зајакнува економијата, се зголемува производството, извозот расте, смета Алек Никовски, советник за странски инвестиции на премиерот Груевски.
Најчеста соработка во услужните дејности и градежништвото
Соработката, според познавачите на пазарот, најчесто е во областа на услужните дејности и градежништвото. Странците ги користат услугите, сервисот на домашните компании. Во периодот што следи прогнозите се дека соработката ќе се унапреди, и тоа во поголем дел од секторите во Македонија.
-Имајќи во предвид дека во наредниот период имаме информации и за влез на нови странски инвеститори, може да изразиме еден сериозен оптимизам дека овој тренд кој е позитивен ќе продолжи и во иднина, што ќе биде од важно значење и за општиот економски раст на Македонија, за поддршка на профитабилноста на самите домашни компании, а особено важно за отворање на нови работни места, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Дека соработката меѓу странските инвеститори и домашните компании е на доста добро ниво, потврдуваат и стопанствениците.
-Да се воспостави иницијалниот линк во однос на тоа што се им е потребно на домашните инвеститори, дали суровина, дали било која друга услуга или производ кој им е потребен во работата и како македонските компании би одговориле на истото. Клучот е во квалитетот и конкурентноста, а македонските компании во секој случај тоа го имаат, велат од Сојузот на стопански комори.
Поголема конкурентност и забрзан развој
Користа од доаѓањето на странските инвеститори е повеќестрана, а македонските компании со нив ја билдаат конкурентноста. Оние кои воспоставиле добра соработка, треба да ја користат како добра референца за понатамошен раст и развој.
-Домашните компании имаат корист од соработката бидејќи на некој начин и ги согледуваат стандардите кои се потребни за извоз во европските и во други земји, и по одреден период ќе можат да соработуваат не само со овие странски компании, туку директно да извезуваат на европските пазари, со зголемување на сопствениот квалитет на производи, стандардите, начинот на организација и слично. Очекувам дека се поголем број на домашни фирми ќе имаат корист од работењето на странските компании во Македонија, изјави неодамна вицепремерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Домашните компании го препознаваат оној момент на додадена вредност кој се има со влегувањето на странските компании, тоа е онаа меѓусебна соработка која би произлегла меѓу странскиот инвеститор и домашните компании. Таа соработка се одвива на два начини- еден е спонтан, на директни контакти меѓу странските компании и домашните, а вториот е со посредство на Владата. Имено, избрана е и листа на компании кои можат да ги постигнат стандардите кои им се потребни на странските инвеститори.
Експертите велат дека влезот на странските инвестиции и нивната соработка со домашните компании, ќе придонесе и за континуиран раст на платите, раст на бруто- домашниот производ пер капита, што е индикатор за стандардот на една земја.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа