Академик Беџети јавно го закопа Тевдовски и програмата на СДСМ

 

Програмата на СДСМ, ветувањата за враќање на средната класа, промените во даночната сфера, петте столбови на опозициската партија се дочекани на нож од економистите. Академикот Абдулменаф Беџети во емисијата 360 степени на Алсат-М телевизија ја „демонтираше“ програмата на социјадемократите и укажа на низата недоследности и нелогичности во неа, но и отворено ја доведе во прашање способноста на луѓето од СДСМ да раководат со парите, за разлика од вицепремиерот Ставрески кого Беџети го смета за перфектен техничар. Беџети отворено порача дека едно е напишаното на хартија, а сосема друго е како работите се спроведуваат во реалниот живот, пишува Лидер.

„Економските теории секојдневно ги пишуваме во книгите. Но, од речено до сторено е едно море големо. Од книгите до реалноста има една голема разлика. Ова се причините зошто јас сметам дека треба да бидеме многу внимателни кога се прави оваа промоција која гласи толку добро. Треба да бидеме реални во реалното функционирање. Разбирам амбиции, желби и политичкиот момент да се направат такви понуди кои звучат атрактивно“ – рече Беџети во емисијата.

Аргументи наспроти ветувања

Академикот, кого многумина го сметаат за близок до опозициската партија, отворено ја доведе во прашање заложбата на СДСМ за враќање на средната класа и укажа дека најголемите социјални разлики во општеството и нееднаквоста, според податоците на Светска банка, се направени токму во времето на СДСМ.

„Ако земеме да видиме во кој период се случило најголемото влошување, за жал, тоа е од 2000 до 2006 година. Потоа влошувањето е постабилно, говорам за интензитетот“ – рече Беџети.

Во исто време, Беџети смета дека се погрешни пресметките на СДСМ дека со прогресивниот данок ќе се намалат социјалните разлики, со што практично ги доведе во прашање основните начела врз кои се темели програмата и за кои говореше Заев на конгресот на партијата.

„Се претендира дека ќе се подобри и дека ќе се поврати средната класа врз основа на инструментите на прогресивните даноци, кои земаат удел во нашиот буџет со помалку од 15-20% од приходите, наспроти регресивните даноци кои се даноци на трошок. Многу добро знаеме кој го полни буџетот. Тоа се ДДВ и акцизите, тоа е суштината. Даноците и приходите кај нас се најниските даноци во споредба со земјите – членки на ОЕЦД“ – објасни професорот Беџети.

Соочен со аргументите на Беџети, претседателот на комисијата за економија на СДСМ, Драган Тевдовски, се дообјаснуваше во емисијата, и околу програмата и околу прогресивниот данок.

„Има една заблуда за нашата програма. Ова што го зборуваме ние за средната класа, прогресивното одданочување е едно многу ситно, мало елементче“ – се правдаше Тевдовски.

Академикот продолжи дел по дел да ја демонтира програмата на СДСМ, и наведе дека социјалната рамноправност не може да се постигне на начините кои ги предлага СДСМ.

„Ќе имате дополнителни трошоци кои ќе произлезат како резултат на социјалните мерки кои ги споменувате, а во вакви услови нема фискален простор. Потребно е да паднат со нозете на земја, бидејќи нема фискален простор во нашиот буџет, бидејќи приходите се целосно искористени и ќе биде многу тешко да надополните со средства надвор од буџетот“ – рече Беџети.

Непознавања на законот

Тевдовски го емисијата продолжи да објаснува дека социјалната рамноправност е во фокусот на програмата, па рече дека ќе се направат корекции и на данок на имот, односно за имот вреден над 400 илјади евра да се плати повеќе данок.

„Го земаме словенечкиот пример, ако некој има имот на 400.000 евра ќе му се зголеми данокот за 0,1 процентен поен“ – рече Тевдовски.

Ваквото тврдење повторно беше дочекано со прашање од академикот Беџети.

„Како планирате тоа да го направите кога се работи за локален данок, за тоа одлучуваат советите на општините. Законот и сега е таков, од 0,1 до 0,2. Како планирате да им наметнете на општините да го прават тоа?“ – праша Беџети.

Данокот на луксуз и сега е висок – посочи академикот.

„Приходите од оваа ставка никогаш не биле повисоки. Ако на пример, увезете автомобил од 100 илјади евра, давачките за истиот ќе достигнат 35 илјади евра, високи за да се прави таа рамноправност“ – му разјасни академикот на Тевдовски.

Социјална сигурност ветуваат луѓето од транзицијата?

СДСМ во неделата ја донесе изборната програма. Лидерот Заев рече дека ќе ја стабилизирале економијата и ќе ја врателе средната класа.

„Нашата клучна цел е Македонија да биде земја со бројна и економски стабилна средна класа, која ќе биде гарант и носите на демократска и слободна Република Македонија“ – рече Заев.

„Партијата на мултимилионерот Заев ветува економски напредок, а истата ја спроведе мрачната транзиција која остави зад себе рекордна невработеност од 39%, затворени 684 фабрики, криминална приватизација и над 200 илјади отпуштени работници“ – врати ВМРО-ДПМНЕ. Од владејачката партија порачаа дека народот повторно нема да биде прелажан од легите и ветувањата на СДСМ.

 
 
16.12.2015 - 11:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега