Ова се најдобри претприемачи за 2015 - во чии раце отиде наградата?
Пет менаџери во категориите мали и микро претпријатија се добитници на признанието „Претприемач на годината - 2015“.
За мали претпријатија, првата награда им припадна на Томо Ѓоргиески и Петар Василески од компанијата „Ламинати Ком“, Прилеп, а втората на Дејан Трајчев од „Дени Милк“, Кочани. За микро претпријатија првата награда ја доби Ељмедин Адеми од „Скрин Медиа“, а втората Владимир Јосифовски од „Кала Плакат“.
На манифестацијата што деветта година по ред ја организираат Сојузот на стопански комори (ССК), Македонската развојна фондација за претпријатија, Стопанската комора на северозападна Македонија и Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење, доделена беше и специјалната награда од Министерството за економија, овој пат за најдобра жена претприемач, а ја доби Анета Мустафоска од компанијата „Исиглас“.
- Малите и средните претпријатија се многу важни за генерирање економски раст и нови работни места. Владините мерки за континуирано подобрување на бизнис климата и реформите претставуваат реална поддршка за компаниите и македонската економија во целост за што зборуваат и резултатите од меѓународните рангирања, рече министерот за економија Беким Незири пред доделувањето на наградите.
Незири порача дека признанијата со кои се оддава почит за работата на најуспешните, треба да бидат мотив и пример за сите претприемачи.
Според претседателката на ССК Данела Арсовска, претприемништвото е начин на живот, избор, храброст, смелост секој сам да направи исчекор, не чекајќи помош од кој било друг.
- Остануваме на определбата постојано да ги следиме иновациите и да обезбедуваме поддршка особено за малите претпријатија од кои многу успеаја да прераснат во средни, па дури и во големи, истакна Арсовска.
Учесниците на манифестацијата се согласија дека и во денешно време, на криза, може да се надминат сите предизвици ако се верува во сопствените идеи и ако целта е јасна.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа