ВМРО-ДПМНЕ: До крај да се расветли аферата со личните карти
ВМРО-ДПМНЕ им честита на Јавното Обвинителство и професионалците од полицијата и другите институции кои работеа напорно на расветлување на аферата со фалсификуваните лични карти. ВМРО-ДПМНЕ изминатиов период, откако аферата беше објавена преку неделникот Фокус, близок до СДСМ, во повеќе наврати повикуваше истата да биде целосно расчистена, а одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата.
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ беше и остана кристално јасен. Виновниците мора да одговараат, а јавноста треба да знае дека постои правда и дека мора да се стави крај на сите манипулации, иако технички назначениот министер порачуваше дека не требало да се брза со истрагата. Доколку ваквиот став на Оливер Спасовски требаше да поттикне одолговлекување и забошотување на истрагата, намерата не успеа. Јавното Обвинителство го реши случајот.
Со оглед на фактот дека во повеќе медиуми излегоа разни информации околу поврзаност со најголемата опозициска партија, но истовремено дека постојат и други инкриминирачки материјали кои биле пресретнати со оваа акција, ВМРО-ДПМНЕ ги охрабрува органите на прогонот да продолжат уште поревносно во натамошното истражување на случајот во кој очекуваме сите инволвирани да одговараат пред надлежните судови.
ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите општествени и политички актери да се однесуваат крајно одговорно и конструктивно и да не прават обиди за опструкција на истрагата на каков било начин.
Вистината за овој случај мора да излезе на виделина.
ВМРО-ДПМНЕ очекува многу одговори во врска со овој случај и ги поздравува и поддржува професионалците во Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи.
ВМРО-ДПМНЕ ја повикува меѓународната заедница активно и одблиску да го следи овој случај, придонесувајќи со заложбите за владеење на правото и еднаквост на сите пред законот, принцип кој мора да важи за сите инволвирани во случајот.
Расчистувањето на овој случај е од највисок интерес за државата и сите треба одговорно и согласно Уставот и законите на оваа земја да придонесеме за тоа.
(Интегрален текст од писмено соопштение на ВМРО-ДПМНЕ)
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа