„Милка“ стави 15 лица во притвор

 

Притвор од 30 дена за 15 лица во уапсени во полициската акција Милка. Од криумчарење на телиња и јунци криминална група заработила над два милиони евра. За две години успеале преку зелениот граничен појас од Македонија да пренесат 2037 грла добиток во Албанија. Групата имала 32 члена

17 македонци и 14 албански државјани. Шеснаесет се приведени, по уште толку полицијата трага. Главни организатори биле албанците но и еден 30 годишен жител на струшко Велешта. Добитокот го купувале на сточните пазари низ Боговиње, Кривогаштани и Кичево, а  од таму ги носеле во селото Спас дебарско. 

Им помагал и ветеринар од кичево кој подготвувал фалс документи за ненајавена инспекција. Откако подмитените полицајци од премините Блато и Џепиште ги информирале каде нема контрола, ги пренесувале во Албанија. 

Македонскиот добиток по двојно повисока цена се продавал на пазарите во Тирана, Елбасан и Драч. При претресите пронајдени се 4 пиштоли, 125 парчиња муниција, добиток, документи, пасоши за добиток, 300 илјади евра, 90 илјади долари, над илјада франци и 740 илјади денари.

- На овој начин, членовите на криминалната група ги избегнувале задолжителните процедури за извоз на животни, а кои се однесуваат на регистрација на правно лице со дејност трговија на добиток, пренос на сопственост при купување на добитокот, ветеринарен преглед, задолжителен карантин, добивање сертификат за здравствената состојба на добитокот за да истиот може да се извезува, трошоци за транспорт на добитокот,  шпедитерски услуги и трошоци за царинската постапка, вели Гордана Јанкуловска министер за внатрешни работи.

Против сомничените полицијата ќе поднесе кривични пријави за злосторничко здружување, криумчарење, фалсификување, злоупотреба на положбата, давање и примање поткуп и за помагање. 

Во акцијата Милка освен македонската била вклучена и полицијата од соседна Албанија, а соработката продолжува за пронаоѓање на недостапните учесници во криминалот.

најчитано сега