Прилеп доби уште пет нови автобуси за градскиот превоз
Денеска во Прилеп пристигнаа пет половни автобуси од германската марка „МАН“ за потребите на новиот градски превоз.
Градоначалникот Марјан Ристески изјави дека досега вкупно се набавени 7 од 20-те автобуси предвидени за новиот градски превоз.
- Прилеп прв пат ќе добие градски превоз кој се планира да почне да функционира од први септември. Претходно набавивме два, а сега стигнаа петте автобуси од германската марка „МАН“. До наредната година градот треба да обезбеди вкупно 20 автобуси за да има брз, ефикасен градски сообраќај кој ќе ги поврзува сите делови на Прилеп и населените места, вели градоначалникот Ристески.
Автобусите се со капацитет од 28 седишта и уште простор за 60-ина за стоење. Опремени се со рампа за лица со посебни потреби. Градот ќе набави и мини-бусови на електричен погон за заштита на животната средина.
ФОТО: Сител