СДСМ: Зошто Владата на Субрата му нуди цена под пазарни услови ако тој тврди дека е милијардер?

 

СДСМ посакува во Македонија да влегуваат што повеќе странски инвестиции, и во туризам, и во земјоделие. Ќе ја поздравиме секоја инвестиција која навистина отвара работни места и нови шанси за македонската економија.

 Но, не смееме да молчиме и да ги затвораме очите пред редицата афери и сомнежи врзани за бизнисите на Субрата Рој. Пред вас се извадоци од само неколку официјални и новинарски текстови во кои се споменуваат измами, излажани инвеститори, долгови и незавршени истраги за криминал од индиски институции.

 Затоа, пред Владата да му подари на Субрата Рој илјадници хектари најубаво крајбрежје и плодна земја, инсистираме истата да одговори на неколку прашања:

 -      Кои се парцелите кои ќе му бидат продадени на Субрата Рој?

-     

Колку чини земјата која ќе ја продаде Владата и која цена ќе ја плати Субрата Рој?

-     

Зошто нудат цена под пазарни услови, ако тој тврди дека е милијардер?

-     

Зошто Субрата Рој тврди во негова изјава пред индиските органи дека поседува само 915000 долари?

-     

Зошто Владата не почека да се расчистат обвинувањата за криминал во Индија?

 Најважно од сѐ: инсистираме пред потпишување на каков било договор со Субрата Рој, Владата да го објави текстот на договорот, да се види точно какви поволности му дава и најважно – какви конкретни обврски тој ќе преземе, вклучително и колкави банкарски гаранции?

 Почитувани граѓани, ова не е тема за импровизации. Најсериозно ја повикуваме Владата да не влегува во нови коруптивни зделки. Ако Субрата Рој ги излажал индиските инвеститори, која е гаранцијата дека нема да нѐ излаже и нас, ако се има предвид дека влогот на Македонија е македонскиот бисер – Охридското езеро? Со евентуален неуспех, цената којашто ќе ја плати Македонија е огромна и од финансиски, и од социјален, и од еколошки аспект.

Интегрален текст од прес-конференција на СДСМ.

 

 

најчитано сега