Македонија во развоен циклус: Стабилни политики за раст и нови вработувања

 

Македонија е влезена во развоен циклус. Земјава последниве години бележи солидни стапки на економски раст, се отвораат нови фабрики и се креираат нови работни места, производството се модернизира, македонската економија станува сè поконкурентна, се зголемува извозот од земјава. Стапката на невработеност се спушти на историски најниски 25,5%, со тенденција да продолжи да се намалува.

Економијата бележи одлични резултати, долгот е на ниско до умерено ниво, и тоа во време кога се реализираат крупни инфраструктурни проекти, како што е изградбата на три целосно нови автопати, рехабилитација на постојните делници, изградба на нови патишта, железница, гасификациона мрежа.
Сепак, закана за планираните проекти и за стабилноста на економијата се турболенциите на политички план и хазардерските игри од опозициската СДСМ.

Континуитет наспроти деструктивни политики

На Македонија и е потребен континуитет и предвидлив деловен амбиент за да продолжи економскиот развој и отворањето нови работни места. Странските инвеститори во услови на политичка нестабилност се воздржани во носењето на инвестициските одлуки, а тоа на земјава не и потребно во време кога се отвораат нови фабрики и се намалува невработеноста. Тоа го покажуваат и бројките.

Македонија и во време на големата европска криза и ефектите од неа имаше подобри резултати во привлекувањето странски директни инвестиции во однос на годинава, кога СДСМ почна да ја спроведува својата политика која може да се покаже како погубна на економски план.

Народната банка во континуитет предупредуваше на ваквите последици, но апелот на беше слушнат, иако економската логика е јасна – политичката криза се одразува на инвестициите и на личната потрошувачка на граѓаните, а ако нема нови инвестиции, нема ниту нови работни места.

-Вообичаено инвеститорите се многу чувствителни на неизвесност. Им треба сигурност, стабилност и извесност. Секако дека случувањата на политичката сцена и нивното евентуално влошување би имале нагативни ефекти, предупреди гувернерот Димитар Богов на средина од годинава.

На ова алармираа и домашните бизнисмени. Побараа порелаксирано и попредвидливо опкружување, ослободување од политичкиот грч, со цел да одговорат на нарачките.

-Во моментов имаме нарачки од Албанија и од Црна Гора, со што нашите капацитети ќе бидат целосно исполнети до април или мај 2016-та година. Ова претставува поттик за зголемување на економскиот раст. Ако се нормализира политичката ситуација ќе имаме уште поголем бенефит, вели директорот на Раде Кончар, Аце Антевски.

Растот условен од политичката стабилност

На Македонија и е потребна политичка стабилност – сметаат и економистите и банкарите. Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, политичката криза ги намалила прогнозите за раст на домашната економија годинава за еден процентен поен, пред сè поради воздржаноста на приватниот сектор да влезе во нови вложувања. Тоа го покажуваат и податоците на Државниот завод за статистика.

-Сите случувања на политичката сцена многу влијаат на економијата. Наредната година откако ќе се одржат изборите ќе треба да помине време додека се формира Влада и сите други структури, и тој период треба да се премости, вели првиот човек на Еуростандард банка, Николче Петковски.

ЕК предупредува: кризата влијае на растот!

Не само домашните економисти, бизнисмени и банкари, и Европската комисија предупреди дека политичката криза претставува ограничувачки фактор за домашната економија.

-Политичката криза влијаеше на намалувањето на растот, но не придонесе за крах на економијата. Забавувањето се должи на домашните и надворешните несигурности, во прв ред, политичката криза и ситуацијата во Грција, што влијаеше на инвестициската активност, оценува Европската комисија во последната есенска економска прогноза.

Она што досега ја одржува домашната економија се внимателно скроените мерки кои се во насока на стимулирање на растот и поддршка на бизнис – секторот. Политиките се поставени на здрава основа, со што и во турболентни времиња се генерираат позитивини економски резултати.

Груевски: ние мислиме на проекти, друг на деструкција

На погубните последици од политичкиот начин на дејствување на СДСМ предупреди и премиерот Груевски.

-Додека ние мислиме на отворање нови работни места, на куќи за младите, на градење фабрики, патишта, нови болници, факултети, додека мислиме како да реализираме проекти од интерес за народот, некој мислел на фалсификати, деструкција, сценарија, местенки, лажни конструкции и гнасни потези. Тоа не е политика. Ова веќе не е политика. Нашиот народ не го заслужил ова, рече Груевски.

 

ИЗВОР: КУРИР

 
 
25.12.2015 - 09:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега