Бизнисот ќе трпи ако се одложат изборите
Политичката криза реално предизвика намалување на економскиот раст за еден процентен поен, сметаат економските експерти, а дел од нејзиното негативно влијание, според нив, ќе се пренесе и во наредната година. Велат дека предизвикала пролонгирање на дел од инвестициските проекти во приватниот сектор и воздржување во делот на потрошувачката, пишува Лидер.
Политичките аналитичари велат дека потезите кои ги прави опозицијата континуирано водат кон одложување или неодржување на изборите во април. Економистите пак, велат дека ако изборите в година се одложат, тоа ќе биде погубно и за економијата и за граѓаните.
„Проценката е дека политичката криза го намали економскиот раст за околу еден процентен поен. Прогнозата беше доколку немаше политичка криза, растот ќе беше околу 4 проценти. Секое пролонгирање на изборите ќе значи пролонгирање на политичката криза, пролонгирање на неизвесноста која видовме дека е погубна за економијата. Во неизвесност живеат и граѓаните и фирмите, тие во неизвесност ги донесуваат нивните одлуки. Се што ја зголемува нивната неизвесност, влијае неповолно врз економијата“, смета вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.
Економистите се согласни, ако политичката криза се развлече и следната година, тоа ќе остави длабоки траги врз бизнисот, а растот ќе тоне.
Економијата фати залет и покрај политичката криза
Македонската економија фати залет и покрај политичката криза. По благото забавување во вториот квартал, Државниот завод за статистика измери дека во третото тримесечје е остварен раст од 3,5 проценти. Ревидирани се и податоците за првите два квартала, па така, во првиот наместо 3,2% растот изнесувал 3,5%, а во вториот наместо 2,6% остварена е позитива од 3,3%. Со ова, вкупниот раст на БДП во деветте месеци од годинава изнесува 3,43%, што е на линија со проекцијата на Владата.
Најголем раст продолжува да генерира градежништвото, речиси 30%, со што оваа гранка продолжува да биде главниот двигател на македонската економија.
Дополнително, растот на економијата, во комбинација со влезот на странските инвестиции и мерките за отворање нови работни места, ја намалија стапката на невработеност на историски 25,5%.
Истовремено, индустриското производство континуирано расте, а извозот на компаниите од зониве се проценува дека годинава ќе надмине 1,4 милијарди евра.
Последните показатели се темел на проекциите за македонската економија, дека нашата земја ќе испорача еден од најдобрите резултати во регионот и пошироко.
И покрај политичката криза, Македонија ќе биде една од земјите со највисок раст во Европа. Брисел очекува Македонија да биде една од трите водечки држави во Европа кога е во прашање економскиот раст в година. Според прогнозата, растот на македонскиот БДП во 2016-та ќе изнесува 3,5 проценти, а годинава 3,2%. Со прогноза за раст од 3,2% годинава се и Народната банка, ММФ, Светска банка.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа