2016-Година на капитални инвестиции

 

Градежниците годинава со полни раце работа. Во буџетот е предвидена рекордна сума пари за капитални инвестиции, 408 милиони евра, што претставува за 12,9 проценти повеќе средства од лани, пишува Лидер 

Интензивно ќе се вложува и ќе се работи на автопатското поврзување на земјава, со 42 милиона евра се очекува целосно да заврши изградбата на делницата Демир Капија – Смоквица и Коридорот 10 да се комплетира на ниво на автопат. Ќе се инвестира во железницата, во гасификацијата на земјава, во изградба на друга патна инфраструктура, со што земјава ќе ја зајакне својата конкурентност, ќе се обезбеди раст и развој.

-Капиталните инвестиции претставуваат развојна компонента на буџетот и преку нив директно ќе се помогне за динамизирање на економската активност во 2016-та година. Инвестициите претставуваат значајни проекти во делот на патната инфраструктура, каде се планирани 250 милиони евра за патишта, за железничка инфраструктура, за енергетика, здравство, образование, за поддршка на општините, вели вицепремиерот Ставрески.

Во Министерството за финансии очекуваат градежништвото годинава да остварка стапка на раст од 5,6 проценти на реална основа, токму како резултат на реализацијата на планираните крупни инфраструктурни проекти, но и инвестициите во слободните и во индустриските зони, бидејќи ќе биде ангажирана домашната градежна оператива.

-За бизнис- заедницата е значаен развојниот сегмент, пред сè реализацијата на капиталните инвестиции, изградбата на автопатите, на регионални и локални патни правци, модернизацијата на железничкиот транспорт, инфраструктурното средување на слободните економски зони за привлекување нови инвеститори, објаснува претседателката на ССК, Данела Арсовска.

Нови и модерни патишта – приоритет за годинава

Годинава ќе се вложи рекордна сума пари за подобрување на патната инфраструктура. Продолжува работата на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, проекти од огромно значење за земјава. Преку првиот, главниот град се поврзува со економскиот центар на истокот, преку вториот проект конечно се реализира автопатско поврзување со најголемиот туристички центар во земјава. Автопатите се градат со кинески пари.

Миладиновци – Штип треба да биде готов до септември 2017-та година, а со него од Скопје до Штип ќе се стигнува за половина час. Инвестицијата е вредна 204 милиони евра.

Нешто подоцна треба да се заврши и делницата Кичево – Охрид, проект вреден 375 милиони евра, најголема инвестиција во патната инфраструктура во последните 50 години.

-Планот е до крајот на годинава дел од автопатот да биде завршен. 18 километри ќе бидат пуштени во употреба, а останатиот дел ќе заврши во предвидениот рок од четири години, вели премиерот Никола Груевски.

Македонија годинава треба целосно да го комлетира Коридорот 10 на ниво на автопат. Градежните работи на Демир Капија – Смоквица треба да завршат до септември, со што целосно ќе се затвори инвестицијата од 270 милиони евра.

Автопати, регионални и експресни патишта на агендата

Освен изградбата на новите, се вложува и во рехабилитација на постојната автопатска мрежа.

-Годинава активно ќе се работи на 24 регионални патишта и на седум автопати со вкупна должина од околу 600 километри. Ова досега се нема случено во Република Македонија, истовремено да се работни на толку голема патна мрежа, вели министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Во првиот квартал од годинава почнува изградбата на експресниот пат од Штип до Кочани, проект вреден 53 милиони евра. 28 километарската делница ќе биде со четири ленти и значително треба да ја подобри безбедноста во сообраќајот. Во исто време треба да почне и изградбата на експресниот пат Штип – Радовиш, проект вреден 64 милиони евра, финансиран од ЕБОР. Владата се избори за исклучително поволни услови за заемот, со кој значително ќе се подобри транспортната мрежа во овој дел на Македонија.

-Досега вкупните средства кои ги даваме во форма на заеми за транспортната мрежа изнесуваат приближно 660 милиони евра. Оваа импресивна бројка е резултат на одличниот однос којшто го имаме со Владата, вели директорката за транспорт при ЕБОР, Сју Барет.

-На агендата на Владата е интензивна изградба на регионални патишта. ЕБОР ја поддржува и изградбата на патот од Раец до Дреново, Охрид – Пештани и Требеништа – Струга. Соработуваме и во делот на железничката инфраструктура, за изградбата на пругата кон Бугарија, а очекуваме и поддршка во енергетскиот сектор. Со крупните транспортни проекти се подобрува конкурентноста на македонската економија, вели првиот финансиер Ставрески.

Капитални проекти во железницата

Годинава со повеќе пари ќе се поддржи и железничкиот транспорт. Македонија ги добива новите патнички гарнитури, товарните вагони се влезени во промет, со што значително се подигна квалитетот на овој начин на транспорт. Предвидени се и пари за реконструкција на железничките станици.

-За модернизирање на постојната железничката инфраструктура ќе продолжи реконструкцијата на железничката пруга на Коридор 10, финансирана со заем од ЕБОР, при што во рамките на овој проект се врши ремонт на последната делница. Предвидени се средства и се реализацијата на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга (Коридор 8), на делница Куманово – Бељаковце- Крива Паланка, финансирана од ЕБОР, пишува во описот на буџетот.

Планираните инвестиции во железницата треба значително да го подобрат протокот на патници и на стоки, да ги намалат трошоците за одржување на железничката пруга, да обезбедат посигурен и поефикасен сообраќај.

Кои се другите капитални проекти за годинава?

Годинава ќе се работи на повеќе крупни капитални проекти во повеќе области. За енергетика и комунална инфраструктура се предвидени 4.008 милиони денари. Продолжува изградбата на националниот гасоводен систем, со 554 милиони денари ќе се уредува инфраструктурата во слободните економски зони, со 1.599 милиони денари ќе се градат и реконструираат здравствените установи, ќе се набавува медицинска опрема, ќе се отвори ПЕТ центарот.

-Во 2016 година ќе се интензивира имплементацијата на проектот за изградба, реконструкција и доградба на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје и регионалната клиничка болница во Штип, финансиран со заем од Банката за развој при Советот на Европа, велат од Владата.

Пари за образованието – нови училишта, реконструкција на домовите

Годинава ќе продолжат вложувањата во подобри услови за учениците и за студентите, како влог во иднината на земјава. Со капитали инвестиции од 2.544 милиони денари, ќе се градат и реконструираат основни и средни училишта, детски градинки, ќе реконструираат студентски домови, ќе се врши опремување и реконструкција на универзитетите. До крајот на годинава или на почетокот на 2017-та треба целосно да заврши реконструкцијата на домот „Гоце Делчев“.

 

-Потребна е добра организација. Ние можеме да го затвориме целиот студентски дом, меѓутоа 1.300 студенти ќе останат без можност за сместување, па затоа одиме етапно и со сместување и со реконструирање, вели заменик – министерот, Спиро Ристовски.

 

 
 
10.01.2016 - 15:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега