Германска компанија влегува во Бунарџик: 200 нови вработувања
Германската „Џерман електро-мехатроник системс“ влегува во Македонија. Ќе вложи 15 милиони евра во Бунарџик, а најавува и 200 вработувања на македонски граѓани.
Денес во македонската влада беше потпишан овој договор за изградба на фабрика која ќе се гради шест до осум месеци, а првото производство се очекува кон крајот на 2016 година.
Министерот за странски инвестиции, Бил Павлески, истакна дека станува збор за изградба на фабрика за електронски уреди, лед светилки, кои наоѓаат примена во повеќе индустрии.
-Овој проект е значаен за намалување на невработеноста и за зголемување на извозот, а значајно е и дека ќе се користат македонски технологии. На почетокот нивните производи ќе ги извезуваат на Блискиот Исток, а понатаму и низ Европа. Оваа компанија разгледуваше повеќе земји во регионот, но поради одличните услови за бизнис, квалитетната работна сила и инфраструктурата, ја избраа Македонија, истакна Павлески.
Ахмед Ал Шаер од „Џерман електро-мехатроник системс“ истакна дека тие се еден од најдобрите центри за истражување и развој и тоа ќе го прават и во нашата земја со цел Македонија да ја направат значаен центар.
Оваа инвестиција премиерот Никола Груевски ја најави на 24 декември.
По вчерашната голема инвестиција во Велес, заедно со оваа, за два дена во Македонија се најавени 1200 нови вработувања.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа