НБРМ: Солиден економски и кредитен раст

 

Солиден економски и кредитен раст, отсуство на ценовни притисоци и девизни резерви на адекватно ниво е оценката на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка за најновите состојби во домашната економија. 

На седницата одржана вчера е оценето дека економската активност и понатаму расте со солидно темпо, делумно поддржана од кредитната активност на домашните банки. Девизните резерви се на соодветно ниво, коешто е доволно за справување со евентуални непредвидени шокови во иднина. 

Ризиците, како што се наведува во денешното соопштение од НБРМ, произлегуваат од надворешното, но и од неизвесното домашно окружување. Во однос на надворешните фактори тие и натаму се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и движењата на цените на примарните производи на светските берзи. Во однос на домашните ризици се смета дека евентуалното оддолжување на неизвесноста поврзана со политичките случувања може да доведе до можност таа да се прелее во економијата. 

Поволни трендови има во реалниот сектор, а податоците за инфлацијата заклучно со декември покажуваат годишно намалување на општото ниво на цените во домашната економија за 0,3 проценти во просек.

- Во услови кога и цените на храната и базичната инфлација, во просек за целата година, бележат раст, намалувањето на цените е последица на падот на цените на енергијата. Остварувањата се нешто под проекциите, а имајќи ги предвид и очекувањата за пониски светски цени на енергијата и на прехранбените производи, упатуваат на надолни ризици за проекцијата за инфлацијата за следниот период. Честите промени во очекувањата за цените на примарните производи упатуваат на значителна неизвесност околу идното движење на овие производи и голема можност за ненадејни промени кај овие категории, се вели во соопштението.

Ликвидноста на банките во декември е задржана на релативно стабилно и високо ниво. Банките пласирале дел од вишокот средства во расположливи депозити кај Народната банка, а тргувањето на пазарот на пари регистрирал умерен пад на месечна основа.

Во однос на кредитниот пазар, првичните податоци за декември покажуваат силен месечен раст на вкупните кредити на приватниот сектор, при што кредитната поддршка во голем дел е насочена кон корпоративниот сектор, а во помал дел и кон секторот „население“. Се очекува кредитната поддршка на корпоративниот сектор да продолжи и во наредниот период.

Во декември е забележан и висок месечен раст на вкупните депозити и поголем раст на штедењето во денари.

 
 
13.01.2016 - 15:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега