Банките кредитираат - стопанството има пари
Расте кредитната поддршка кон корпоративниот сектор, покажуваат последните податоци на Народната банка на Република Македонија. Стапката на раст на кредитите кои се насочени кон стопанството е повисока од очекувањата на НБРМ.
„Се очекува кредитната поддршка на корпоративниот сектор којашто беше присутна во декември да продолжи и во наредниот период, делумно поддржана и од последните мерки што ги презеде НБРМ“, велат од Централната банка, пишува Лидер.
Според првичните податоци за декември, се забележува силен раст на вкупните кредити на приватниот сектор, а кредитната поддршка, покарј онаа за домаќинствата, во голем дел е насочена кон корпоративниот сектор.
Првичните податоци заклучно со ноември покажуваат забрзување на кредитниотраст, велат од НБРМ. Така, вкупните кредити во ноември на месечна основа се повисоки за 0,7% (наспроти 0,3% во претходниот месец), при забележан раст на кредитите на претпријатијата, наспроти нивното намалување во претходниот месец. Кредитите на домаќинствата и натаму растат на месечна основа, но умерено послабо во однос на октомври. На годишна основа, вкупните депозити и вкупните кредити во ноември се повисоки за 6,6% и 8%, соодветно.
Како што пишува Лидер, според банкарите, пари за компаниите има, пред сè за оние со добри бизнис проекти и со добра издржаност.
„Банките се клучните финансиски институции за финансирање на компаниите, што го прави високо зависен економскиот раст на приватниот сектор од растот на банкарските кредити. Банките треба да станат сервис на компаниите за правилно проектирање на финансиските текови и заедно да се одберат проектите кои носат додадена вредност“ – вели првиот човек на Шпаркасе банка, Глигор Бишев.
Растат депозитите, забрзува активноста на кредитниот пазар
Податоците заклучно со ноември покажуваат раст на вкупните депозити на месечна основа, со слична динамика како и во претходниот месец. Растот на депозитите во ноември во поголем дел произлезе од растот на депозитите на домаќинствата (со придонес од 42%, главно во странска валута), како и натамошен раст и на депозитите на корпоративниот сектор. На годишна основа, вкупните депозити во ноември се повисоки за 6,6%, што е согласно со проекциите на НБРМ.
Податоците на НБРМ покажуваат дека активноста на кредитниот пазар забрза на месечна основа, при забележан раст на кредитите на претпријатијата, наспроти нивното намалување во претходниот месец. Растот на кредитите на домаќинствата продолжи и во ноември, но умерено забавено во споредба со претходниот месец. На годишна основа, вкупните кредити во ноември се повисоки за 8%, што е над октомвриската проекција на Централната банка за четвртиот квартал од 7,7%. Заклучно со ноември остварени се близу 40% од проектираниот кредитен раст за четвртиот квартал.
Вкупните кредити растеле и во текот на октомври, но релативно послабо во однос на претходниот месец. Остварениот раст во целост произлегува од месечното зголемување на кредитите на домаќинствата. Во однос на септември, вкупните кредити се повисоки за 768 милиони денари, што претставува 11,4% од проектираниот раст за четвртиот квартал согласно со октомвриската проекција.
Ваквите остварувања кај вкупните кредити се во рамки на проекцијата за четвртиот квартал и упатуваат на можност за остварување на проектираниот годишен раст на кредитите за крајот на годината.
Остварениот годишен раст на вкупните кредити во целост произлегува од зголемувањето на денарските кредити. Девизните кредити бележат пад на годишна основа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа