Почнува сместувањето во студентските домови - има кревети за 6000 студенти
Денеска започнува пријавувањето за прием на студенти во државните студентски домови.
Слободни се 6.369 места, а приемот ќе се врши според новиот Закон за студентски стандард.
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, вчера истакна дека новиот закон содржи поволности и бенефеции за студентите при сместување и стипендирање, а ова особено важи за студентите од ранливи категории.
- Целта на донесувањето на законот е да се намалат сите влијанија, ургенции и обиди да се влијае на сместувањето од каква било гледна точка. Не само да говориме за партискиот елемент туку навистина да се постави систем во којшто врз основа на социо-економскиот статус на студентот и на неговото семјество ќе се даде правичен пристап во сместувањето. Тој појасни дека поголеми бенефиции им се овозможуваат на студентите кои се пријавуваат за сместување и исхрана во студентските домови, а кои согласно новиот Закон се делат на три категории, за кои се определува одреден процент од вкупниот број легла.
Имено, првата категорија се студенти од ранливите категории, за кои државата целосно ги надоместува трошоците за сместување и исхрана во студентските домови. Опфатеноста на таа категорија студенти е до 40 проценти од вкупниот број легла во домовите. Тука припаѓаат студенти со статус на деца без родители и родителска грижа, деца со посебни потреби, деца на корисници на социјална парична помош и постојана парична помош, на самохран родител, на невработени родители и деца на корисници на надомест по основ на престанок на работен однос од деловни причини, за кои вкупните приходи во семејството се до нето минималната плата утврдена во државата. Во таа група спаѓаат и студентите со еден од наведените статуси за кои вкупните приходи во семејството се над нето минималната плата и кои плаќаат за сместување и исхрана во студентскиот дом каде добиле легло. Втората категорија се студенти кои постигнале особено висок успех во тек на досегашното учење.Опфатеноста на таа категорија студенти е до 25 проценти од вкупниот број легла во домовите. Третата категорија се студенти кои не се опфатени во претходните две категории, за кои ќе се распределат до 35 проценти од вкупниот број легла во домовите.
Пријавувањето ќе се врши по електронски пат.
ФОТО: ФАкултети.мк