Триесет илјади евра за доброволно заминување од Македонски Телеком и Т-мобиле
Одборот на директори на Макеоднски Телеком и Т мобиле на последниот состанок донесе две одлуки. Една се однесува на условите за доброволен престанок на работниот однос, а другата на измени во организациската структура на компанијата, соопшти комапнијата преку Макеоднска берза.
„Овие промени се последица на силното конкурентно опкружување и брзата динамика на пазарните движења, кои предизвикуваат негативни трендови. Новата организација е во насока на изградба на ефикасна компанија која ќе го задржи лидерското место на пазарот, според новите правила и услови. Дел од промените е и зголемување на ефикасноста, како и преструктуирање и оптимизација на човечките ресурси. Компаниите во соработка со Синдикатот воведоа програма за доброволен прекин на работниот однос, која е најдобро решение за реализација на новата структура“, стои во соопштението.
Тие што ќе ја напуштат компанијата може да добијат отпреминина во висина и до 30.000 евра.
„Програмата е доброволна и исклучително поволна. Направена е врз основа на повеќе критериуми во интерес на вработениот како што се отпремнина за години работен стаж, како и дополнителен еднократен финансиски надомест по други основи: години старост итн. Станува збор за најповолна програма за доброволен прекин на работниот однос во Македонија, каде максималната сума на надомест изнесува 30 000 евра. Програмата се однесува на вработените во Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија“, пишува во соопштението.
Промените кои следат ќе придонесат за изградба на уште поефективна компанија, која успешно ќе одговори на новите бизнис предизвици, што ќе води кон развој на нови и подобри услуги и зголемено задоволство на корисниците, соопшти Телекомот.