ЕВН откри 50 гостиварчани кои неовластено се приклучиле на дистрибутивната мрежа
ЕВН Македонија за еден месец во Гостивар и околните населени места откри 50 корисници кои неовластено се приклучиле на дистрибутивната мрежа. Корисниците поставиле броила кои не ги пријавиле во дистрибутивната компанија со што не биле воведени во системот и не се отчитувала потрошената електрична енергија. Ова според законот се толкува како кривично дело и неовластено приклучените правни и физички лица се исклучени од мрежата на ЕВН Македонија и против нив е поднесена кривична пријава за неовластено преземање на електрична енергија.
Секое правно и физичко лице почитувајќи ја прецизно дефинираната процедура може многу едноставно да дојде до нов приклучок. Затоа апелираме до сите идни корисници новиот приклулчок да го бараат единствено во Корисничките Енерго Центри на ЕВН Македонија, каде треба лично да го пополнат и потпишат барањето за нов приклучок. Да не наседнуваат на ветувањата на вешти манипуланти кои надвор од компанијата нудат нов приклучок за помалку пари.
Легален приклучок се добива само со потпишување на договор во ЕВН Македонија и со плаќање на издадената фактура за услугата. Се’ друго претставува кривично дело – и за лицето кое побарало да му се направи услугата, и лицето за кое е извршена нелегалната услуга. Најголемата штета од овие дела ги имаат самите корисници, бидејќи лековерноста може да ги остави и без броило и без пари, а згора на се’ ќе добијат и кривична пријава за нелегално користење на електрична енергија.
За услугата нов приклучок, ЕВН Македонија ја наплатува само услугата и материјалите користени според изготвениот проект, каде што броилото е бесплатно. За сите услуги на ЕВН Македонија се плаќа врз основа на издадена фактура во било која банка или пошта. Плаќање во готово на лица надвор од компанијата е ризично и сигурно се работи за измама и се третира како кривично дело. Апелираме до корисниците ваквите лажни понуди веднаш да ги пријават кај службите на ЕВН Македонија и во МВР.
ФОТО: Евести