ВИДЕО: Произведуваат радиоактивни честички во борбата со ракот - македонскиот ПЕТ центар ве носи во иднината
Во оваа инјекција има радиофармацевтски препарат со кој може да се открие и најмала здравствена промена на организмот. Со помош на течноста се поставува прецизна дијагноза за рак и други тешки заболувања. Македонија е прва земја во поширокиот регион која почна да произведува радиоактивни изотопи во новоизградениот ПЕТ Центар. Четири часа се потребни за подготвување на препаратот. Се започнува во просторијата каде се наоѓа Циклотронот. Тука нерадиоактивните течности или гасови стануваат радиоактивни. За време на производството во просторијата не смее да има никој, се вели во ексклузивната сторија на ТВ Сител
Алармите укажуваат дека специјалната врата се затвора и почнува создавањето на радиоактивните изотопи.
Целата постапка стручните лица ја надгледуваат на безбедно од соседната просторија.
Транспортот од Циклотронот до одделот за синтеза оди преку овие тенки капилари, сите инсталации одат под земја за да дојдат до оловниот кабинет каде продолжува производството, вели Златко Филиповски, медицински физичар
Тука радиоизотопот се преработува во фармацевтски препарат кој потоа се аплицира на пациентите. Заради безбедност сите препарати се облозени со олово.
Откако ќе се произведе радио фармацевтикот околу 30 минути се префрла во овој кабинет каде се наоѓа апаратот за правење на дози, значи секоја доза за секој пациент се прави индивидуално, вели м-р Филип Јолевски, фармацевт.
Но, пред да стигне до пациентите, еден примерок во посебен оловен контејнер задолжително се испраќа во лабораторијата за контрола.
-Со доставувањето на еден примерок согласно барањата на европската фармакопеја го тестираме препаратот и доколку ги исполнува сите услови и барања, ние заклучуваме дека може да им се аплицира на пациентите, вели Маја Величковска, спец. за испитување и контрола на лекови.
Ако е се во ред дозите се полнат во специјални шприцеви двојно заштитени со олово и со специјлаен лифт се испраќаат до првиот кат каде ќе се аплицира на пациентите за потребното снимање и навремено откривање на некое тешко заболување.
Првите пациенти во Пет Центарот се очекуваат за околу 9 месеци. Според светските стандарди толку време е потребно да се валоризира целкупната опрема и да се подготви потребната документација
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа