Нова потврда на добрата бизнис – клима: Странците реинвестираат во Македонија
Нова потврда на добрата бизнис – клима. Се зголемува бројот на странски компании кои се одлучуваат повторно да го вложат својот капитал во земјава, да реинвестираат, да отворат нови погони и работни места, пишува Лидер.
Дел од компаниите се решија да реинвестираат во истата зона, да ги зголемат капацитетите и да пуштат нови производствени линии, дел носат одлуки да инвестираат во друг крај од земјава, каде полесно можат да дојдат до работна сила.
-Тоа е најдобар доказ дека инвеститорите се задоволни од бизнис – климата, од она што го добиваат во Република Македонија како бизнис – амбиент и затоа се решаваат своите средства да ги инвестираат по втор или по третпат. Тука не се само даноците во прашање, работата на царината и на останатите државни институции. Станува збор за вкупната структура што е формирана за привлекување странски инвестиции и она 12. место во светот според „Дуинг бизнис“ кое преточено во реалност значи токму нови инвестиции, објаснува вицепремиерот Ставрески.
По Штип, „Џонсон Контролс“ оди и во Струмица
Американската „Џонсон Контролс“ потпиша договор, ќе инвестира 20 милиони долари во слободната економска зона во Струмица, во нова фабрика за производство на покривки за автомобилски седишта. Предвидено е да се отворат 1.500 работни места.
-Отворањето нова фабрика е важен настан. Ова не е само значајна инвестиција од 20 милиони долари, туку истовремено и можност за нови вработувања, кои заедно со оние во фабриката во Штип ќе изнесуваат над 3.000 работни места, вели директорот во „Џонсон Контролс“, Питер Хејфт.
Американците откриваат дека скенирале повеќе локации за новата фабрика, но на крајот бил пресуден постигнатиот успех од Штип, каде веќе работат 1.800 луѓе.
„Џонсон Контролс“, слично како и повеќето други странски компании, во Струмица почнува како браунфилд инвестиција (веќе се ангажирани 130 луѓе кои поминале обука), а потоа ќе се префрли во новиот производствен капацитет со површина од 13.000 квадратни метри. „Џонсон Контролс“ беше првиот инвеститор во Бунарџик (сега погонот е во рацете на „Вистеон“), оваа компанија беше и првата во штипската зона, а сега „Џонсон Контролс“ ќе ја сефтоса и слободната економска зона во Струмица.
-Особено радува што сè повеќе инвеститори изразуваат интерес да вложуваат во зоните надвор од Скопје. Со оваа инвестиција, зоната во Струмица станува функционална, вели првиот човек на ТИРЗ, Виктор Мизо.
-Оваа фабрика значи исполнување на ветувањето додадено со досегашниот премиер Груевски. За Струмица оваа инвестиција навистина значи многу, и од финансиски аспект и од аспект на бројот на работни места, смета Ставрески.
„Ван Хол“ со 400 работници го засилува производството
Нови погони во Бунарџик гради и белгиски „Ван Хол“. Инвестицијата се проценува на 15 милиони евра и треба да креира уште 400 нови работни места. Се отвораат нови магацини, се проширува одделот за бојадисување, производствените линии од четири се зголемуваат на осум, за да се задоволат потребите на европскиот пазар. Планот е годишниот пласман да достигне од актуелните 500 до 900 автобуси.
-Поттикнати од позитивните искуства со првата инвестиција, од квалификуваната работна сила и поволната деловна клима, се одлучивме повторно да инвестираме. Планираме да продолжиме со инвестициските активности. Сакаме да почнеме, освен за САД и за Европа, да произведуваме автобуси и за Израел, веќе сме во разговори за постигнување договор, вели сопственикот на компанијата, Филип ван Хол.
Оваа компанија во 2012-та донесе одлука да вложи во Македонија, што за „Ван Хол“ беше првата инвестиција надвор од матичната земја. Сепак, најголемата додадена вредност од оваа инвестиција е новата фабрика на штипска „Актива“, компанијата која активно соработува со Белгијците.
-Вкупната инвестиција на „Ван Хол“ од почетокот со работа во Македонија, од првично најавуваните 13 милиони евра се искачи на повеќе од 20 милиони, а во наредните четири години ќе достигне над 40 милиони евра. Продолжувањето со нови инвестиции на белгиската компанија е потврда за добрите политики на Владата и за поволната бизнис – клима, вели вицепремиерот Владимир Пешевски.
Бројот на вработени во „Ван Хол“ во моментов изнесува над 600, а со комплетирањето на новата фаза ќе работат 1.250 луѓе.
Британската „Џонсон Мети“ го препозна потенцијалот
Пред нешто повеќе од 2 години и британската „Џонсон Мети“ повлече потег и реинвестираше во Македонија. Отвори нови погони за производство на катализатори. Оваа компанијата стана најголемиот гринфилд инвеститор во производствениот сектор во Македонија, со вкупни вложувања од над 140 милиони евра. Производството се зголемува од година во година, „Џонсон Мети“ стана најголемиот извозник од Македонија, креираше околу 600 работни места, отвори работа за домашните компании кои се вклучија во добавувачкиот синџир.
-На почетокот беше предизвик домашните компании да ги запознаат нашите потреби, каков квалитет на производ бараме, цената, испораката. Се соочувавме со многу ветувања кои не беа испорачани навреме. Но, со тек на време развивме база на локални добавувачи кои успеаја да ги спојат квалитетот и цената, и сега тие се подобри од компаниите однадвор, особено споредено со оние од Европа и од САД, вели првиот човек на компанијата во земјава, Џатин Такрар.
Италијанската „Текнохозе“ реинвестираше во Бунарџик
Италијанската „Текнохозе“, една година по влезот во Македонија, донесе одлуча да реинвестира и да гради нови погони за производство на армирани гумени црева. Со новата инвестиција, капацитети на компании се зголемуваат и повеќе од тројно.
-Задоволни сме од инвестицијата, од квалитетот, нашиот производ е ист како да е произведен во Италија, вели менеџерот Џовани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа