Се запали куќата на пожарникар: Драма за семејство во Тетово
Поголема материјална штета, но без човечки жртви е последицата од пожарот што денеска околу 11 часот и 30 минути избувнал во поткровјето и горниот спрат од куќата на семејството Сулејмани на улицата „Ленинска“ во Тетово, информираа од тетовската противпожарна единица.
Веднаш интервенирале три возила и 17 пожарникари, а меѓу нив бил и сопственикот на куќата кој бил пожарникар Бесир Сулејмани. За кусо време пожарот бил изгаснат меѓутоа од огнот што најверојатно избил во оџакот веќе бил зафатен покривот и горниот спрат со целата покуќнина.
- Јас и татко ми бевме на работа додека другите четирите мали деца , мајка ми и жена ми беа тука но фала на господ успеаја да излезат, рече Бесир Сулејмани.
Во гасењето на пожарот освен пожарникарите што биле на иста смена со Бесир солидарно се вклучиле и голем број негови колеги од другите смени.
- Материјалната штета е огромна но среќа во оваа несреќа е што немаме повредени ниту од тие што живееле тука ниту од пожарникарите што учествуваа во гасењето на пожарот. Куќата е на наш колега и ете се случува, пожарот не бира и ете случајно се погоди тој самиот да е на смена кога се појавил пожарот во неговата куќа. Со нашата брза интервенција ги спречивме пламените јазици да се прошират и на другите објекти бидејќи во населбата куќите се многу блиску една до друга, изјави командантот на тетовската противпожарна единица Ука Алити.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа