Ова се најплатените професии во моментов во Македонија

 

Вработените во воздухопловниот сектор, телеком индустријата и финансиските услуги имаат највисоки месечни примања, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика. Во ноември минатата година, вработените во воздухопловниот транспорт заработувале просечно 68.166 денари,  програмерите во ИКТ индустријата во просек заработување по 50.097 денари, додека вработените во финансиско- услужните дејности имале просечна месечна заработка од 43.740 долари, пишува Лидер.

Податоците покажуваат дека вработените во фармацијата, енергетскиот сектор, консалтинг услугите земаат плата од 37.000 до 39.000 денари. Градежниците, кои покрај програмерите и инженерите се најбарани на пазарот на труд, имаат просечна плата од над 19 илјади, додека здравствените и социјалните работници заработуваат по 24.500 денари.

Просечната месечна исплатена нето- плата по вработен за ноември 2015-та изнесувала 21.976 денари, и во споредба со истиот месец претходната година е повисока за речиси два процента.

На годишно ниво, месечните примања најмногу пораснале во услужните дејности, за околу 10%, во административните и помошни дејности платата пак се зголемила речиси 9%, во финансиската индустрија за речиси 3%, во ИКТ индустријата за околу 5%, а во градежништвото платите се зголемиле за 7%.

Најниската плата по сектор, според податоците се забележува кај Објекти за сместување и сервисни дејности со храна, со просечна плата од 15.010 денари.

Најбарани стручните и техничките кадри

Продавачи, програмери, инженери, стручни, технички кадри, градежни работници, фармацевти… Според евиденцијата на Агенцијата за вработување на Република Македонија, во моментот има отворени околу 6.000 работни позиции.

Компаниите имаат потреба од квалификувани кадри. Поволностите кои ги нудат активните мерки за вработување кои ги спроведува владата, во комбинација со поволните услови за водење бизнис и влезот на странските инвеститори, според познавачите на пазарот на труд, се идеална комбинација и основа да продолжи трендот на отворање на нови работни места.

Според прогнозите, индустријата и оваа година ќе продолжи да отвора најмногу работни места, благодарение на реализацијата на плановите на странските инвеститори, но и инвестициите на домашните компании. Како сектори кои отвораат најмногу работни места остануваат и трговијата, преработувачката индустрија, градежниот и финансискиот сектор.

Врз основа на анализата направена кај 10.000 фирми, кај нив интересот за вработување за следните 6 до 12 месеци е околу 12.000 работници.

Со „Македонија вработува“ вработени 12.000 лица

Дванаесет илјади лица досега се вработени преку проектот „Македонија вработува“.

-Нас вработувањата ни се во врвот на нашите приоритети. Имаме досега сериозен успех, отворивме над 150.000 работни места со различни мерки и активности во голем дел преку привлекување на странски инвестиции, но во голем дел и преку охрабрување на домашните инвеститори, изјави лидерот на владејачката партија, Никола Груевски.

Владините политики досега креираа над 150.000 работни места, а стапката на невработеност се намали од 38 проценти во 2006- та година на 25 проценти годинава.

-Сите мерки што се прават се комплементарни на останатите економски политики, сепак главното подобрување на бизнис климата е направено за домашните инвеститори и ако се погледнат и други статистики на страна од вработувањата, вкупното ниво на инвестиции од домашни инвеститори е неколкукратно поголемо секоја година од странските, но, мора тие да се врзуваат. Ако има повеќе странски, ќе има и домашни, и тоа е еден показател за климата, рече Владимир Пешевски, вицепремиер задолжен за економски прашања.

Статистиката покажува дека вработеноста континуирано расте кај сите старосни групи, но најмногу кај помладата популација. Согласно трендот на имплементирање на активните мерки за вработување, се очекува до 2018-та година, стапката на невработеност да се намали на 22%.

 
 
03.02.2016 - 09:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега