Вадефул: Постои можност во јуни да почнат преговорите со Македонија

Пратеникот од редовите на ЦДУ-ЦСУ Јохан Вадефул, по разговорот со македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, за Дојче Веле изјави дека постои можност во јуни да бидат отворени пристапните преговори со Република Македонија, кои, како што истакна, најмногу зависат од предлогот на комесарот Филе.

- Постои можноста во јуни да биде дадено зелено светло за старт на пристапните преговори со Србија и Македонија. Конкретно за Македонија, во разговорот со министерот Попоски се осврнавме на две теми: бескрајната приказна за спорот со името и декемвриските случувања во Парламентот кои вознемирија многумина во Европа и кои очекуваме целосно да бидат расветлени. Што се однесува до спорот со името на повидок би било решавање на ова прашање во првата година од преговарачкиот процес, а не пред неговиот старт, изјави за ДВ Јохан Вадефул, пратеник на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот.

На прашањето дали тоа значи дека во јуни ќе се отворат пристапните преговори со Македонија, Вадефул одговори дека се уште е рано да се каже, но посочи дека тој така мисли.

- Мора да почекаме што ќе предложи комесарот Филе. Сега е важно сите учесници да видат како може да придонесат тој да направи добар предлог за Македонија. Тоа е и наша желба. Македонската страна знае што може и што треба да направи, по што Филе ќе биде во состојба да даде и добар предлог. Од друга страна, сега е момент на грчките пријатели да им се порача дека би било добро доколку во европски дух дојде до договор за спорот со името, рече Вадефул. 

Дојче Веле истакнува дека по разговорите на Попоски во Берлин се поочигледно е позитивното расположение на пратениците од Бундестагот кон Македонија, кои први треба да дадат „зеленото светло“ за почеток на пристапниот процес кој понатаму ќе го визира германската влада на европско ниво.

- За нас е значајно што Германија, како најголема земја членка на ЕУ, не претставува пречка за Македонија. Сосема спротивно – пораките од пратениците на Бундестагот се дека тие би поддржале почеток на преговори, доколку за тоа бидат прашани. Германската и позицијата на Парламентот е дека е потребно процесот на проширувањето да не запре по зачленувањето на Хрватска. Воедно сметаат дека исклучително важно ќе бидат да се спроведат сите оние реформи кои се неопходни во процесот на преговорите за зачленување во ЕУ, изјави министерот Попоски за Дојче Веле.

 

најчитано сега