Нова поволност за граѓаните: Владата ги олеснува условите за сопствен дом

 

Македонската Влада дополнително ги олеснува условите под кои граѓаните можат да се стекнат со свој, сопствен дом. Почна да се спроведува нов проект преку кој за едно евро од квадратен метар ќе може да се купи земјиште за изградба на куќа во типска населба, пишува Лидер.

-Ова ќе обезбеди огромна заштеда за граѓаните, ќе се спасат од големи трошоци, бидејќи во некои општини вообичаената цена на градежно земјиште,надвор од овие предвидени локации изнесува и по 100 до 200 евра за квадратен метар, вели владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

Целиот проект ќе се реализира преку општините, кои треба да се пријават на огласот на Министерството за транспорт, а потоа ќе се изработат урбанистичките планови. Општините треба да понудат типски населби со локации за изградба на најмалку 100 куќи, а изработката на плановите ќе ја финансира државата. Огласот е отворен и трае до 10 февруари, а дел од градоначалниците веќе ја почнале постапката. Дел од општините понудиле и локации со капацитет за изградба на 300 нова куќи. Според проекцијата на надлежните институции, сите процедури треба да се комплетираат во втората половина од годинава, а со тоа да почне изградбата во типските населби.

Процедурата е следна: земјиштето и локациите ќе се продаваат со почетна цена од 1 евро за квадратен метар, продажбата ќе оди преку електронска јавна аукција, а секој граѓанин ќе може да се наддава.
Државата ги покрива и трошоците за водовод, канализација, за пат во типските населби. Овој проект во руралните средини ќе се реализира преку Програмата за рурален развој. Целата идеја ја потегна првиот човек на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

-Ако се обезбедат 100 локации за куќи или повеќе, предлагам Владата да обезбеди поддршка и преку Програмата за рурален развој да покрие 100 проценти од трошоците за пристапен пат, канализација и водовод. Во урбаните средини до 20 илјади жители поддршката од државата би изнесувала до 90 проценти, а другите 10 проценти да ги обезбедат општините. За градови од 20 до 40 илјади жители државната поддршка би изнесувала до 80 проценти, а за средини со над 40 илјади жители, соодносот би изнесувал 75:25, образложи Груевски.

Дополнително, државата за граѓаните обезбеди бесплатни проекти за куќа, што претставува дополнителна заштеда, а понудени се типски куќа со различна квадратура.

Државна помош и за изградба на куќата

Државата обезбеди огромна финансиска поддршка за младите кои сакаат да изградат куќа. Посетеноста во рамките на проектот „Купи куќа за млади“ и отворените канцеларии ги урива сите рекорди.

-Апелирам до сите млади луѓе да се информираат за проектот и да ја искористат можноста што ја даваат овие канцеларии. Во февруари организираме и карван низ повеќе градови во Македонија, со цел да го доближиме проектот до младите луѓе, вели вицепремиерот Ставрески.

Понудени се две опции, субвенционирана рата или субвенционирано учество. Преку првиот модел, финансиската поддршка од државата изнесува 11 години, 8 години се покриваат 80 проценти од трошоците, во следните три половина од трошоците, односно главница и камата, за кредит до 50 илјади евра.

Односно, ако месечната рата за кредитот изнесува 200 евра, во првите 8 години – 160 евра од месечната рата ќе плаќа Владата, а само 40 евра ќе плаќа граѓанинот. Деветтата, десеттата и единаесеттата година, месечната рата ќе се плаќа по половина, односно 100 евра Владата и 100 евра граѓанинот.

Каматата во првите три години изнесува 3,95 проценти, во четвртата и во петтата година 4,44 проценти, а потоа банката ја утврдува каматната стапка, но таа не смее да биде повисока од каматните стапки на редовните станбени кредити.

Во овој случај, државата целосно го покрива учеството за станбениот кредит. Тоа значи дека за 50 илјади евра, поддршката изнесува 12.500 евра. За овој модел, каматната стапка е фиксна, 6-месечен ЕУРИБОР + 4,5 проценти на годишно ниво и тоа за цело времетраење на отплатата на кредитот.

Кредитот треба да се земе на период од најмалку 20 години, со можност за отплата по 12-та година. Додека трае државната помош, куќата не се смее да се оттуѓува, а услов е лицето да нема подигнато друг станбен кредит.

„Ова се огромни поволности, мислам дека е добро тоа што проектот се однесува на младите“

„Мислам дека ова е добро решение за младите кои се уште немаат сопствен дом, државната поддршка е многу важна и корисна“ – велат граѓаните кои ги посетија 33-те отворени канцеларии.

Услов е апликантот да биде на возраст до 35 или со наполнети 35 години, на свое име да нема друг стан или куќа. За поединец, максималните месечни приходи треба да бидат помали од 900 евра, а горната граница за брачна двојка е 1.300 евра. Во проектот се вклучени 8 банки: НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка – Скопје, Стопанска банка – Битола, Шпаркасе, Охридска, ТТК, Алфа банка и Прокредит банка.

Нов импулс за градежништвото

Новите поволности за изградба на куќи и ставањето на располагање локации за изградба на цели типски населби ги подигна очекувањата во градежниот сектор. Бизнисмените очекуваат проектот да донесе нов импулс и да биде уште еден двигател на економскиот раст.

-Очекувам да има експанзија од изградба на куќи. Градежништвото е поврзано со уште 26 други гранки, како добавувачи или произведувачи на мебел, на материјали и слично, па оттука очекувам да има нов бум во овие сектори, вели претседателот на градежната комора, Роберт Хот.

 

 
 
05.02.2016 - 09:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега