Завршува откупот на тутунот, тутунарите постигнаа добра цена
До крајот на февруари ќе заврши откупот на тутунот во земјава. Реколтата иако помала, нешто повеќе од 20.000 тони, сепак квалитетна. Тутунарите задоволни, анализираат од Сојузот на тутунските здруженија. Со субвенциите добија по 4 евра за килограм тутун, објави МРТ.
Квалитетна реколта тутун, добра цена и стимул за рентабилно тутунопроизводство. Вака ја оценуваат ланската реколта тутун од Сојузот на тутунските здруженија. Откупот е при крај. Остануваат уште 2.000 тони што ќе се преземат до крајот на месецов. Со досега откупените 18.000, реколтата се заокружува на над 20.000 тони тутун.
-Задоволството кај тутунарите го има, а нормално и кај нас. Достигнуваме добра цена. Мислам дека задоволството ќе биде обострано, вели Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунарските здруженија на Македонија.
Со просечната цена од 186 денари и уште 60 денари државни субвенции, тутунарите добија по 4 евра за килограм. Тоа е добар стимул, велат за новото производство Постојаните тутунари ги зголемуваат површините.
-Јас, како тутунопроизводител, неколку години почнав да се занимавам со поголемо количество на тутун. сега оваа година имам некаде околу 15 тона и сум задоволен од овие картони, вели Трајко Матески, тутунопроизводител.
До крајот на месецов тутун ќе се купува во само во прилепскиот дел на Пелагонија. А почнаа и подготовките за новата реколта. Годинава на теренот ќе излезат 10откупувачи, вклучувајќи ја и грчката фирма „Секе“. Во Сојузот ги очекуваат на ревизија договорите со компаниите во кои ќе има зголемување на цените. Ќе бидат заштитени интересите на преку 30.000 тутунарски семејства во земјава.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа