Груевски: Технички преглед за трактори и комбајни на секои две години
Технички преглед за трактори и комбајни ќе се врши на секои две години, а за мултикултиватори и приколки на секои четири години, додека регистрацијата на земјоделската опрема и механизација ќе се врши на секои шест години. Ова е овозможено со измените на Законот што минатата недела беше усвоен од страна на Собранието на Република Македонија.
– Тоа е едно ветување кое го дадовме минатата година и веќе Парламентот го усвои минатата недела. Земјоделците беа премногу оптоварени од тоа што земјоделската механизација требаше да ја регистрираат секоја година, а тоа за нив се големи трошоци, изјави денеска во Кратово лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој посочи дека исто така е пролонгиран за уште една година и рокот за легализација на земјоделската опрема и механизација.
– Ги повикуваме сите оние коишто во минатото не стигнале да ја завршат легализацијата на тракторите, комбајните, мултикултиваторите, приколките и слично тоа да го направат сега, рече Груевски при денешната посета на Кратово.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа