Турција безбедна дестинација за летување годинава

Турција е безбедна дестинација за летување годинава. Македонските граѓани можат да се чувствуваат слободно и да патуваат во Анталија, Бодрум, Мармарис, Истанбул или во другите летувалишта. Сите неопходи мерки од турската Влада се преземени, пренесе МИА.

Ова на денешната прес-конференција го истакна Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителска комора на Македонија.

Препораката дека Турција е безбедна дестинација за летување годинава доаѓа од Туристичко-угостителската комора на Македонија при Сојузот на Стопански комори, заедно со Министерството за туризам и култура на Турција и со Турсат.

Керим апелираше до туристичките работници во Македонија и до сите оние кои имаат допир со туризмот и туристите да ја заборават политичката ситуација,  професионално да работат и да се концентрираат за, како што рече, квалитетно да ги пречекаме сите гости.

Тој информира дека според статистика, во 2015 година турските граѓани се најбројни туристи во Република Македонија.

– Лани  во Македонија дојдоа околу 900 илјади странски гости, а оваа година се очекува да дојдат над милион гости, рече Керим.

Керим посочи дека македонските граѓани во Турција вообичаено патуваат во Турција од јуни до септември.

Благодарение на одлуката на Владата на Република Турција од 12 февруари која е насочена кон поддршка на агенциите од А-категорија кои ќе носат туристи во Турција од 1 април до 31 мај годинава, ќе добиваат по 6.000 евра.

Одговарајќи на новинарско прашање, Керим информира дека благодарение на субвенцијата што ја дава турската Влада во разговорите со тур операторите ќе има можност за намалување на аеродромските такси за околу 50 евра.

– Досега во пакетите за летово има големо намалување, од околу 20 отсто. Во зависност дали овие мерки ќе ги опфатат јуни, јули, август и септември, кога македонските туристи најмногу патуваат во Турција, очекуваме намалување на цените за уште 20 отсто за ова лето. За седумдневно патување во хотел со пет ѕвезди ќе биде околу 300 евра, со се вклучено, рече Керим.

Хакан Озчелик, советник за култура и информации во Амбасадата на Република Турција информираше за конференцијата што се одржа на 25-ти и 26-ти овој месец во Истанбул, со претставници на министерствата за култура од земјите од Југоисточна Европа.

 
 
29.02.2016 - 15:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега