Попоски: Со префрлање на проблемите преку граница не се избегнува хуманитарна криза
Сите очекуваме справување со мигрантската криза од хуман и безбеднoсен аспект. Околу хуманоста кон мигрантите, Македонија и Грција се на иста гранка и затоа е потребна прекугранична соработка. За безбедно справување со мигрантскиот бран, сите очи се свртени кон следниот Самит на Европската унија. Има основа за загриженост дека кризата може да ескалира, или во најмала рака да се компликува, порано од 8 март.
Како што соопшти МНР, ова го изјави шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во дискусијата на сегментот на високо ниво во рамки на 31-та сесија на Советот за човекови права на Обединетите нации, што се одржа денеска во Женева.
Во своето обраќање, пак, министерот се осврна и на позначајните прашања на агендата на Советот за човекови права, како и на актуелните глобални настани кои имаат влијание врз прашања поврзани со човековите права. Посебен акцент беше ставен на состојбите во Сирија и масовните бранови на бегалци и мигранти, при што потенцираше дека е неопходно итно изнаоѓање на заедничка стратегија за решавање на мигрантската и бегалската криза на начин кој истовремено би ги земал предвид хуманитарните и безбедносните аспекти.
На маргините на сесијата, МНР Попоски оствари и повеќе билатерални средби со свои колеги, се посочува во соопштението од МНР.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа