Собранието ќе ја продолжи 92.седница

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 92.седница ќе ја продолжи расправата по Предлог законот за дополнувањата на Законот за земјоделство и рурален развој, во прво читање поднесен од пратеници од опозицијата, при што преостанат за дискусија е уште еден дискутант.

Со предлогот законот се бара земјоделците да добиваат гориво со цена 50 отсто пониска од малопродажната за обработка на земјоделските површини.

Пратенциите од опозицијата вчера во попладневната дискусија посочија дека целта е да го олеснат и онака тешкиот живот на земјоделците и оти законот е остварлив. Според нив, со законот сакаат да ја зголемат конкурентноста на производите и на домашниот и на странскиот пазар. Тие сметаат и дека критериумите  врз основа на кои ќе се делат овие средства се мерливи и затоа, посочија, не може да има злоупотреба кога станува збор за зелената нафта.

Пратениците од владејачкото мнозинство пак, реплицираа дека пратениците од опозицијата за овој Предлог на закон што го поднеле воопшто немаат направено анализа, а не пак сериозна анализа за да можат да тврдат дека оваа мерка е издржана. Тие се сомневаат во можноста за злоупотреби при користењето на зелената нафта. Воедно, пратениците од мнозинството нагласија дека доделувањето на субвенциите во државата е кристално транспарентно и оти секоја година се почитува крајниот рок 30 јуни за нивна исплата со извесни исклучоци.

На дневен ред на 92. седница се и измените и дополнувањата на законите за безбедност на сообраќајот на патиштата (по скратена постапка поднесен од пратеници од ДУИ, за заштита и спасување, за минимална плата во Република Македонија поднесен од Павле Трјанов, за политички партии поднесен од Лилјана Поповска, за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението во РМ поднесен од Енес Ибрахим, сите во прво читање.

Пратениците ќе ги разгледаат и измените на Законот за Владата на Република Македонија, во прво читање, како и Информацијата за општите состојби во образованието и ефектите од екстерното тестирање во основното и средното образование, поднесени од група пратеници од опозицијата.

На дневен ред на седницата се и неколку барања за давање на автентично толкување на членови од закони.

 
 
01.03.2016 - 08:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега