Додека МВР и Спасовски наводно го бараат, Беќир Асани од Мала Речица порачува: Јас сум тука

 

Не е вистина дека сум го тепал Тодор Петров. Ова вчера за „Дневник“ го изјави Беќир Асани, шеф на чаирскиот разгранок и член на претседателството на ДУИ, кој лично Петров посочи дека бил главен во групата која го претепала во саботата во еден скопски ресторан, по поставувањето на камен-темелникот за изградба на големиот крст во Бутел, пренесува ДНЕВНИК.

ФОТО: Дневник

И додека полицијата три дена го бара Асани за инцидентот во скопскиот ресторан, тој вчера, нешто по 15 часот, во друштво на чаирскиот градоначалник Изет Меџити и пратеничката Ермира Мехмети влегоа во централата на ДУИ во Мала Речица каде што партијата требаше да одржи Централно претседателство.

На прашањето од ДНЕВНИК дека полицијата три дена го бара и дали евентуално веќе бил на распит во МВР, Асани само кусо ни одговори:

– Јас сум тука.

Чаирскиот градоначалник Меџити, кој заедно со Асани и пратеничката Мехмети во саботата преку протест се обидоа да го спречат поставувањето на камен-темелникот на крстот во Бутел, одби да ни одговори зошто не спречил Асани да го истепа Петров, бидејќи според кажувањата на Петров, во ресторанот бил присутен и Меџити, но ништо не сторил.

– Доста прашуваш, врне – рече Меџити.

Чаирската тројка вчера со едно возило пристигна и во седиштето во Мала Речица.

-Иако екипата на „Дневник“ ги чекаше функционерите на ДУИ пред влезот во централата во Речица, ниту еден од 30-те члена на Централното претседателство на ДУИ вчера не сакаше да коментира дали тема на состанокот ќе биде и инцидентот од викендов, особено што официјалниот став на партијата е дека ќе ги преземат сите законски можности да не дојде до изградба на 50-метарскиот крст во Бутел. Пратеникот на ДУИ и шеф на кабинетот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети веќе најави дека е можно да почнат референдумско изјаснување на граѓаните на Бутел за крстот, пишува ДНЕВНИК.

 

МВР сe уште го бара Асани

Од МВР вчера повторија дека веќе е разговарано со неколку лица во врска со инцидентот како и со вработените во ресторанот. Полицијата воедно потврди дека се трага по лицето што Петров го посочил како еден од тепачите.

– МВР работи на целосно расветлување на случајот и евентуално остварување разговор со други лица кои биле инволвирани во настанот – велат од полиција.

 
 
01.03.2016 - 10:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега