Мисајловски и Делев на состанок во Брисел во организација на Јоханес Хан
Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и заменик министерот за економија Христијан Делев, денеска присуствуваа на состанокот на министри за транспорт и енергетика од Западен Балкан што се оддржа во Брисел во организација на Комесарот за проширување на Европската Комисија, Јоханес Хан.
-Од страна на министерот беа презентирани приоритетните инфраструктурни проекти што треба да се реализираат во Република Македонија во следниот период а за кои ќе се бара финансиска поддршка од Европската Унија. На состанокот, Мисајловски потенцираше дека најголем приоритет во моментов има затворање на финансиската конструкција за изградба на пруга на Коридорот 8 и поврзување со Република Бугарија, притоа потенцирајќи на изградба на делницата од Белјаковце до Крива Паланка како 2-ра фаза од железничкото поврзување со Република Бугарија, соопштуваат од министерството.
Воедно тој информирал и за останатите мерки и активности кои се дел од процесот за поддршка на земјите од Западен Балкан.
Од состанокот произлегоа заедники заклучоци кои се однесуваат на реализација на проекти што се од регионално значење во насока на раст и развој на земјите од Западен Балкан како и отворање на нови работни места.
На состанокот покрај министерот за транспорт и врски на Република Македонија, Владо Мисајловски како и заменик министерот за економија Христијан Делев, учество земаа и министрите за транспорт и енергетика од Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа