Мисајловски во Брисел ги презентира приоритетните инфраструктурни проекти
Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, денеска во Брисел беше домаќин на министрите за транспорт и енергетика на шест земји од Западен Балкан, меѓу кои и македонскиот министер Владо Мисајловски, јави дописникот на МИА од Брисел.
Според соопштението што го испрати кабинетот на комесарот Хан, министрите и еврокомесарот се фокусирале на клучните прашања од агендата за поврзаност што има за цел подобро интегрирање на земјите од Западен Балкан, како и ефикасно поврзување на регионот во Европската унија. Оваа средба, според Европската комисија, е продолжение на Самитот во Виена за Западен Балкан, кој се случи во август минатата година. А, овој состанок во Брисел го потврдил договорот да се работи кон воспоставување регионален пазар на електрична енергија за Западен Балкан.
Министерот Мисајловски, кој е придружуван од заменик-министерот за економија Христијан Делев, во изјава за МИА по средбата истакна дека ова денеска е подготвителен состанок на сите министри за транспорт и дел од министрите за енергетика на земјите од Западен Балкан, а за состанокот што во јуни или јули ќе се одржи во Париз на ниво на премиерите на овие земји.
– Премиерите ќе разговараат за сите транспортни политики и меки мерки што треба да се реализираат. Се што ни претстои во наредниот период треба да го реализираме. Ние како земја кажавме што се нашите клучни приоритети и кои проекти ќе бидат клучен приоритет за Република Македонија во наредниот период. Исто така, јас потенцирав дека железницата на Коридорот 8 останува повторно еден од најважните проекти во Македонија за кој ќе ни бидат потребни дополнителни средства од ЕУ-фондовите за целосно имплементирање на целата секција од Коридорот. Се надевам дека ќе има слух од ЕУ за овој голем проект на Македонија и оти заедно со нив ќе го изградиме во наредните години, истакна министерот Мисајловски во изјава за МИА.
Првиот човек на македонското Министерство за транспорт и врски, на состанокот ги информирал присутните за сите проекти што се случуваат во Република Македонија и за идните проекти за кои ќе се бараат дополнителни грантови од Унијата.
– Многу поважно за Македонија е да добива и помали и поголеми, неповратни средства и грантови од ЕУ што за нас се многу важни и кои ние брзо ќе ги имплементираме, за бенефит на сите граѓани. Важно е што комесарот Хан неколку пати ни сугерираше како сите заеднички, сплотени да работиме како змеји за подобрување во транспортната политика, односно конекција и во транспортната политика и во делот на енергетиката. Очекувам дека ќе следат дополнителни состаноци, а потоа ќе го извлечеме најдоброто за кога ќе се состанат премиерите да имаме заеднички план како да дејствуваат понатаму, додава министетот Мисајловски.
Според заедничката изјава на министрите и Хан, овој состанок е „надоврзување на Конференцијата за Западен Балкан“ што се одржа во Виена на 27 август 2015 година, а со цел да се реафирмира заложбата за поврзување, добрососедски односи, регионална соработка и европска интеграција.
– Наша цел е подобрување на регионалната соработка и економски развој, како една од нашите заеднички алатки за исполнување на европските стандарди и исполнување на критериумите за членство во ЕУ. Овојпроцесот треба да донесе јасни придобивки за нашите граѓани уште пред пристапувањето во ЕУ, се наведува на почетокот на заедничката изјава на шесте министри и комесарот Јоханес Хан.
Во продолжение, тие ја изразуваат својата цврста определба за „Берлинскиот процес“ и се обврзуваат „да останат фокусирани на обезбедување дека самитот на земјите од Западен Балкан во јули 2016 година во Париз ќе постигне конкретни резултати за унапредување на конкретни инвестициски проекти“. Министрите, исто така, признаваат дека за подобрување на поврзувањето во рамките на регионот, како и со ЕУ, тоа е „клучен фактор за раст и работни места во земјите од Западен Балкан“.
– Ние прифаќаме дека оваа заедничка амбиција ќе бара постојана посветеност и лидерство на сите нас. Согласни сме да работиме кон воспоставување на регионален пазар на електрична енергија и ја изразуваме нашата надеж дека Договорот за транспортна заедница ќе биде парафиран пред самитот во Париз. Ние ќе осигураме дека нашите соодветни Национални инвестициски комисии ќе се задржат на цевководите како приоритетни инвестициски проекти, што ќе бидат во тек и веродостојни, бидејќи тие се предуслов за добивање поддршка од Инструментот за предпристапна помош (ИПА 2) за инвестирање и кофинансирање во рамките инвестициската рамка за Западен Балкан – се наведува во заедничката изјава на министрите и Хан.
На крајот од изјавата, министрите се обврзуваат за спроведување на „меки мерки“ за енергија и транспорт, што е договорено на минатогодишниот самит во Виена и признаваат дека „напредокот на ова прашање ќе се одрази на идните одлуки за кофинансирање на ЕУ“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа