Владини грантови од 10.000 евра за отворање на нови градинки

 

Десет илјади евра во денарска противвредност, неповратна финансиска помош ќе добијат оние субјекти кои ќе аплицираат, ќе ги исполнат условите на огласот и ќе отворат нов капацитет на детска градинка.

Средствата кои ќе ги добијат од страна на државата субјектите може да ги искористат за обезбедување на основни средства, односно материјали и опрема која нема да смеат да ја отуѓат во период од 3 години.

Овие средства субјектите ќе може да ги искористат за реновирање, адаптирање или изградба на просторот во кој ќе функционира новата градинка, или пак за набавка на опрема и материјали за просторот на новата градинка.

За средствата кои нема да треба да ги враќаат може да аплицираат правни лица и физички лица кои се евидентирани како невработени лица во Агенцијата за вработување.

Ова е многу добра можност за искористување од страна на лицата кои се невработени, но имаат идеја и потенцијал да започнат бизнис со отворање на приватна детска градинка. Уште подобро е доколку покрај бизнис планот поседуваат и образовни квалификации за вршење на самата дејност. Но тоа не е пресудно, може да имаат и само бизнис план и идеја за функционирање на градинката, а да ангажираат и вработат професионални лица за грижа и нега на децата.

Главен услов за добивање на средствата е отворањето на нова градинка, односно на нов капацитет за згрижување на деца.

Веќе постоечките приватни градинки имаат право и можност да аплицираат на огласот, но средствата кои евентуално би ги добиле нема да може да бидат искористени за опремување или адаптирање на веќе постоечкиот простор каде што функционира градинката, туку единствено и исклучиво средствата можат да бидат искористени за отворање на сосема нов капацитет, односно нов простор за нова градинка.

Од Владата велат дека проектот има поголем број на позитивни цели.

-Се работи за реален и позитивен проекти. Преку давањето на неповратната финансиска помош во висина од 10.000 евра сериозно ги унапредуваме можностите за зголемување на капацитетите за згрижување на дечињата што од своја страна преку принципот на конкуренција понатаму би довело до подобрување на условите за згрижување на дечињата и намалување на цените кои семејствата ги плаќаат. Од друга страна пак, се создаваат нови работни места, директно преку негувателки, воспитувачките кои треба да се вработат, но индиректно се дава работа з аградежно занатските работници кои учествуваат во реновирањето, адаптирањето или опремувањето на самиот објект. Огласот е отворен и апелираме на што поголем одзив од сите заинтересирани субјекти кои ги исполуваат условите, вели Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата.

Огласот е веќе распишан и е во тек, а апликациите може да се достават во АВРМ:

Заинтересираните правни лица и евидентирани невработени лица, при аплицирањето за треба да достават Бизнис план кој треба да содржи :

-Утврдена локација на објект кој ќе се реновира и адаптира или ќе се гради нов објект за детска градинка, врз основа на Правилникот за стандарди и нормативи за вршење на дејноста на установите за деца и Законот за заштита на деца, кои се достапни на веб страната на министерството за труд www.mtsp.gov.mk

– Проект за изградба на нов објект или проект за реконструкција на постоечки објект согласно и Законот ,

-Соодветниот објект треба да содржи минимум две занимални за згрижување на деца од предучилишна возраст, како и помошни простории согласно Правилникот

-Правното лице има обврска да реализира минимум 4 нови вработувањa во период на отворање на градинката и тоа две лица воспитувачи и две лица негователки , со обврска да ги задржи во работен однос најмалку 18 месеци .

Правните или физичките лица кои ќе отворат приватна деска градинка , со финансиска поддршка имаат обврска да обезбедат сопствен простор или да приложат Договор за закуп на простор за временски период од минимум 3 години.

Детали за процедурата може да се добијат преку веб страните на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување.

 
 
02.03.2016 - 13:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега