Собраниската расправа за модернизација на АРМ продолжува утре

 

Владејачкото мнозинство, смета дека модернизацијата на АРМ е неопходна особено, како што потенцираа, во услови на безбедносна криза во Европа.

Собранието на Република Македонија утре во рамки на 85-та седница ќе ја продолжи расправата по Предлог законот за дополнување на Законот за одбрана, пишува МИА.

Со дополнувањето се предвидува Министерството за одбрана да биде ослободено од плаќање царински давачки и даноци за оружје и воена опрема за модернизација на Армијата на Република Македонија, но и ослободување од ДДВ за прометот на станови и станбени згради со примена на повластена даночна стапка на промет во висина од  5 проценти, за намалување на трошоците на припадниците на АРМ за решавање на станбеното прашање во рамки на проектот „АРМ мој дом“.

Министерот за одбрана Зоран Јолевски истакна дека на ваков начин со планот за модернизација Република Македонија во наредните години ќе ги исполни стандардите поставени од НАТО, два проценти од БДП да бидат за одбраната, а 20 проценти од нив за модернизација.

Пратениците од опозициските партии се изјаснија дека нема да го поддржат законското решение, пред се, како што рекоа, поради тоа што се бара ослободување од даноци и царини за модернизација без да се наведе колкави средства се предвидени за тоа и колку би било ослободувањето. Нема, рекоа тие, прецизен план како треба да се одвива модернизацијата во наредните години.

Владејачкото мнозинство, пак, смета дека модернизацијата на АРМ е неопходна особено, како што потенцираа, во услови на безбедносна криза во Европа.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ Илија Димовски потенцира дека одбраната на државата е прашање за кое не треба да се разликуваме.

– За овој закон е потребно двотретинско мнозинство што значи за да помине е потребна широка поддршка во Собранието. Целта на измените е да се ослободи армијата од плаќање ДДВ и царини од 1 до 11 отсто за да може Армијата во следните 10 години да набави ново современо оруже и опрема. Самиот факт дека СДСМ не сака да даде поддршка со тие средства кои во моментов може да ги издвоиме државата да набави нова опрема и оружје, а да потроши помалку средства и да добие поголема количина оружје е скандал. СДСМ денеска ќе гласа против набавка на оружје и модернизација на АРМ, рече Илија Димовски.

Овој план, додаде, кој претпоставувам дека не може да го знаеме бидејки ако го знаеме тука ќе го знаат и таму кај што не треба, е направен од повеќе од 100 луѓе во АРМ во повеќе од 10 тематски области за кои е потребна набавката.

– Потребна е поддршка токму од СДСМ за овој закон, заради тоа што овие две три години сите соседи и од поблиското и поширокото соседство набавуваат оружје. Македонија се соочува со безбедносна криза која е најголем безбедносен ризик од 2001 година. Поигрувањето на политика и живеењето во фиктивен свет и прикаски дека некој од тоа ќе правел криминал е крајно неодговорно, несериозно и недржавничко однесување. Апелирам и ве замолувам да размислите како ќе гасате за овој закон, рече Димовски.

Според пратеникот Драган Цуклев од ВМРО – ДПМНЕ, укинувањето на ДДВ-то и ослободувањето од царинските давачки согласно предложените дополнувања на законот, значи  помалку средства резервирани на расходната страна на буџетот за набавка и модернизација на опремата на АРМ.

– Никаков изговор за вас не се ниту фискалните импликации, ниту можноста за криминал, туку вие сте против националната безбедност и исполнување на НАТО стандардите, им порача Цуклев на пратениците од опозицијата.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Талат Џафери смета дека нашата држава има проблеми со миграцијата како и секоја друга држава во Европа, а индивидуални, не сакани постапки и можни импликации од безбедносен аспект, посочи, не може да се оценат како кризна или воена состојба или опасност по безбедноста на државата.

Димовски истакна дека денеска имаме над 10 илјади бегалци од држави со висок ризик кои се на нашата јужна граница, а со кои полицијата, посочи, тешко се справува заради тоа што почнуваат да стануваат насилни.

Пратеникот Влатко Ѓорчев во дискусијата, меѓу другото, потсети дека условите за полноправно членство во НАТО кое требаше да се случи на Самитот во 2008 година, ги исполни владата на чело со ВМРО – ДПМНЕ.

За да се донесе овој закон е потребно двотретинско мнозинство или 82 пратеници.

 
 
02.03.2016 - 18:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега