Бизнисмени од Индонезија заинтересирани да инвестираат во Македонија
Потенцијални инвеститори заинтересирани преку Македонија да излезат на европските пазари ќе ја посетат Македонија во октомври годинава за поблиску да се запознаат со можностите што ги нуди земјава за правење бизнис, договорено е на средбите што Македонскиот совет за надворешна трговија ги оствари во рамки на роуд шоуто што го одржа во изминатите два месеца во Југоисточна Азија.
- Имавме средба со некои потенцијални инвеститори, каде ја презентиравме Македонија како одлична дестинација, односно како влезна врата на индонезиските компании во Европа. Веќе добивме најава за посета во октомври годинава, каде на лице место ќе се уверат во нашите потенцијали и можности од каде нивните производи ќе можат да се пласираат во според нив лукративниот европски пазар, рече извршниот директор на Македонскиот совет за Надворешна трговија Азија-Пацифик, Владимир Кофчегарски.
Тој додаде дека Индонезија е одличен пазар за македонските производи со Халал сертификат. Информира дека на средба со еден од најголемите хипер-маркети во Индонезија се презентирани повеќе македонски производи при што избрани се 20 производи кои треба да поминат тест пред нивните потрошувачи, по што треба да следи регистрација одбраните производи и склучување ексклузивни договори. - Уверен сум дека на почетокот на следната година македонските производи ќе влезат на овој пазар, истакна Кофчегарски.
Инаку, Индонезија претставува економски лидер во Југоисточна Азија со годишен раст од 6,8 отсто и популација од 250 милиони жители. Растот на економијата се должи на државната интервенција, каде 160 – те корпорации во сопственост на државата, претставуваат основа на индонезиската економија.