Продолжува трендот на раст на бројот на патници на аеродромите
Од почетокот на 2016 година заклучно со февруари, од двата аеродрома во Македонија, „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, се превезени вкупно 219.378 патници, што е за 27,9 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година кога бројот на превезени патници бил 171.480.
Како што соопшти Министерството за транспорт и врски, на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, во периодот јануари – февруари 2016 година регистрирани се вкупно 211.696 патници што во споредба со истиот период од минатата година кога биле превезени 168.388 патници, претставува зголемување од 25,7 отсто.
На аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид за периодот јануари-февруари 2016 година, превезени се 7.682 патници, што покажува раст од 148,4 проценти во споредба со истиот период од 2015 година кога биле превезени 3.092 патници.
Согласно реализација на сообраќајот, најзастапени дестинации според бројот на патници за периодот јануари-февруари се Цирих со 12,2, Истанбул со 12, Малме со 5,6, Базел со 5,2, Лондон со 5,1 и Виена со 4,8 отсто.
Рекордниот број на превезени патници, како и бројот на компании кои оперираат со нови дестинации е резултат на Проектот на Владата за финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај. Во тој контекст позитивните политики за развој на воздушниот сообраќај ќе продолжуваат да се применуваат и во наредните години, со цел промовирање на нашата држава како атрактивна туристичка и бизнис дестинација.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа