Значаен пораст во осигурителниот сектор во 2015 година
За осигурителниот сектор во Македонија 2015-та е најуспешна во последните девет години, зашто е остварен значаен пораст во сите аспекти на осигурување. Има и висок степен на стабилност во секторот што е гаранција дека друштвата за осигурување имаат доволно финансиски средства да ги сервисираат преземените обврски во исплатата на штети, заклучи Агенцијата за супевизија на осигурување резимирајќи ја претходната година.
На пазарот на осигурување во Македонија, заклучно со 31 декември 2015, работеле 15 друштва за осигурување. Вкупниот број вработени е 1.841 што е зголемување за 5,56 отсто во споредба со 2014 година.
- Во 2015 година е оставарена бруто полисирана премија (БПП) во вкупен износ од 8,28 милијарди денари, што претставува пораст на приходите од 8,51 проценти во однос на остварените во 2014-та, рече на прес-конференција Зоран Стојановски, извршен член на Советот на експерти во Агенцијата.
Пораст има во неживотното осигурување, во кое БПП е во износ од 7,18 милијарди денари, т.е. 6,47 отсто повеќе од 2014 година. Порастот се должи, пред се, на порастот на осигурувањето на имот од 19,01 проценти со БПП 1,64 милијарди денари. Потоа следува осигурувањето од автоодговрност - пораст од 4,20 проценти со БПП 3,69 милијарди денари, осигирување од незгода (пораст од 3,09 отсто со БПП 598,84 милиони денари) и осигурување од туристичка помош (8,54 отсто со БПП 180,65 милиони денари).
- Во осигурувањето на имот посебно треба да се истакне дека во 2015 се забележува пораст од 58,78 проценти на остварената БПП за земјоделско осигурување, која изнесува 181,83 милиони денари. Во осигурувањето на сопствени моторни возила т.н. каско осигурување, по пет години опаѓање првпат се забележува мал пораст од 0,41 отсто со БПП 692,93 милиони денари. Во делот на осигурување на живот продолжува двоцифрената стапка на пораст на приходите и во 2015 таа изнесува 23,94 проценти, при што остварената БПП изнесува 1,10 милијарди денари, рече Стојановски.
Друштвата на осигурување во 2015 година исплатиле бруто-износ на штети од 3,18 милијарди денари и во споредба со 2014 (3,05 милиони денари) бележат пораст од 4,27 проценти.
На крајот на 2015-та, вкупниот капитал на друштавата за осигурување изнесувал 5,23 милијарди денари.
Во однос на заштита на интересите на осигурениците, во целата 2015 година до Агенцијата биле поднесени 110 претставки, што е 26,17 проценти помалку во однос на претходната, 2014 година. Тоа, според Стојановски, значи дека има подобрување во работењето на друштвата за осигурување во однос на навремена и фер исплата на штети.
Најголем дел, односно половината од сите поднесени претставки, се однесувале на автоодговрност. Најчесто осигурениците реагирале поради незадоволство за основот за исплата на штета и за износот на исплатената штета.
Климе Попоски, претседател на Советот на експерти, рече дека развојните стапки се должат на развој на осигурителната култура кај луѓето кои, како што рече, стануваат се повеќе финансиски описменети и свесни за постоење на ризиците, но е резултат и на доследноста на продуктите во однос на цена и опфат на ризици.
Силен развој има во земјоделското осигурување кое до 2008 речиси и не било развиено. Тоа е резултат на субвенциите на премиите до 60 отсто од страна Владата, што ги поттикнало осигурителните компании да ги понудат продуктите за земјоделското осигурување. Секоја година има скоро 50 отсто пораст на продажбата на полиси за земјоделско осигурување. Од оваа година ќе може да се субвенционира и земјоделско осигурување за добиток.
Попоски најави дека осигурителна групација со седиште во ЕУ донела одлука да инвестира и да отвори друштво за осигурување во Македонија во текот на 2016-та.
- Тоа укажува дека странските осигурителни групации веруваат во перспективата на развојот на осигурувањето во Република Македонија. Самите бројки потврдуваат дека имаме силен развој на осигурителната индустрија, истакна Попоски.
Најголемата исплатена штета во 2015 година била во износ од околу два милиона евра. Исплатена и е на фабриката за сунѓер „Силпен“ од Кратово која во 2014 година изгорела до темел.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа