Одбележана 110-годишнината од смртта на Ѓорѓи Сугарев

Со поставување восочна фигура во фоајето на Музејот на македонската револуционерна борба што ќе биде изложена две недели, заедно со информативна табла за животниот пат и два монитори од кои на едниот се прикажува документарен филм, а на другиот податоци за животот и смртта и верзија на песната „Заплакало е Мариово“ од 1927 година, денеска во Скопје беше  одбележана 110-годишнината од смртта на македонскиот револуционер Ѓорѓи Сугарев. 

Одбележувањето беше збогатено со настап на членови на „Танец“ кои ги изведоа песните за војводите Ѓорѓи Сугарев и за Александар Турунџев.

- Ова одбележување е почеток на една нова практика во Музејот на македонската борба со која одредени настани и јубилеи од личности кои се значајни за македонската историја ќе се одбележуваат со поставување мини изложба во фоајето која ќе стои две недели за да им се даде поголемо значење на луѓето кои ги дадоа своите животи за Македонија. Овој пат тоа е прославениот војвода  Ѓорѓи Сугарев, рече директорот на музејот Бранислав Светозаревиќ.

Тој посочи  дека ваквата практика ќе донесе освежување, но и ќе претставува добра можност за соработка со различни сродни установи од културата и од науката.

- Со ваквото претставување секој што ќе дојде во Музејот, дали за настан во конференциската сала или да ја види поставката, ќе може да се запознае со она што сакаме во тој момент да го потенцираме. Се надевам дека на овој начин ќе привлечеме поголемо внимание и едукативно ќе делуваме врз посетителите, рече Светозаревиќ.

Ѓорѓи Сугарев (1876-1906) е роден во Битола во сиромашно семејство. Татко му Коста (Коте) потекнувал од селото Подино, а мајка му Донка била ќерка на образованиот и богат поп Тасе од Битола. Коте Сугарев работел како наемен работник кај богатиот битолски трговец Тане и бил многу трудољубив. Благодарение на тоа успеал да му стане ортак со што Сугареви станале една од попознатите и поимотните фамилии во тогашна Битола.

Како мал Ѓорѓи учел во грчко училиште каде завршил две одделенија, а потоа татко му го префрлил во училиште во кое наставата се одвивала на словенски народен јазик. Школувањето го продолжил во егзархиската гимназија во Битола и педагошкиот  курс во Солун.

Уште за време на школувањето во гиманзијата бил вклучен во еден од револуционерните ученички кружоци, а подоцна за време на учителствувањето во Битолско и Кичевско ги ширел идеите за револуционерната борба меѓу населението. За време на летниот распуст во 1901 година пристапил во четата на Никола Петров Русински, формирана во Демир Хисар, каде се запознал со воените вештини. По завршувањето на распустот повторно се вратил на учителската дејност во Битола.

Еден ден враќајќи се од работа забележал дека го следат турски полицајци. За да не биде сомнителен продолжил до дома. Кога тропнале полицајците на вратата тој со револвер го застрелал заптијата и неколку негови придружници и оставил писмо во кое напишал дека е одговорен за нивната смрт по што заминал во илегала и формирал своја чета.

Учествувал на Смилевскиот конгрес и работел на подготовката на народот во Битолско за востание иако бил против неговото предвремено кревање. Бил учесник и во Илинденското востание, а по неговото задушување како еден од најактивните поборници за самостојноста на Македонската револуционерна организација навлекол омраза врз себе, особено од секретарот на Битолскиот окружен комитет Петар Лигушев. Тој со неговите луѓе направил план како да го ликвидира Сугарев.

Откако дознал дека Сугарев ќе оди во мариовското село Паралово, Лигушев  го запознал битолскиот валија кој веднаш испратил воено засилување. Сугарев дознал дека е опколен и за да не настрада населението се повлекол во месноста „Страниште“ над Параловскиот манастир. На денешен ден (23 март 1906 година) кај возвишението „Чукарите“ започнала битката која траела неколку часа и во која загинала целата чета. Телата на загинатите комити ги погребале селаните од Паралово, а еден турски војник ги собрал личните предмети на Сугарев.

Така завршил животот на еден од најистакнатите македонски револуционери, чиј лик и дело останале длабоко врежани во колективната свест кај народот. Токму народот му ја посветил и песната „Заплакало е Мариово“ што и денес се пее во чест на војводата Ѓорѓи Сугарев.

 
 
23.03.2016 - 14:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега