Невреме во Македонија - еве каде најмногу наврна дожд

До 16 часот денеска најмногу дожд наврна во Пожаране, 47 литри на метар квадратен, а најмалку во Штип, еден литар на единица површина.

Како што соопшти УХМР, во Струмица врнежите достигнаа 18 литри на метар квадратен, во Берово и Пожаране осум, во Битола и Крива Паланка седум, во Гевгелија шест, во Виница и Лазарополе пет, во Демир капија четири, во Прилеп и Маврово три, а во Тополчани, Претор и Скопје два литра.

Попладнево имаше и ретки грмежи претежно во јужните делови, а на Ѓуриште е забележана и појава на суградица. Од облачност со поголем вертикален развој од југот на земјата па кон југоистокот забележани се и поголеми количества на измерен воден талог за многу кратко време.

Максималните температури беа 18 во Струмица, 17 во Гевгелија, 16 во Штип, Демир Капија и Виница, 15 во Прилеп и Охрид, 14 во Битола, Берово, Скопје и Претор, 12 во Тополчани, 11 во Крива Паланка, 10 во Пожар и Пожаране, девет во Лазарополе и осум во Маврово.

До крајот на денот и преку ноќта ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, ретки грмежи на југот и умерен до засилен јужен ветер. На југот од земјата врнежите може да имаат и пороен интензитет.

Утре ќе се задржи облачно со врнежи од дожд, повремено поинтензивни, особено во западните делови. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер кој ќе услови позначително опаѓање на дневната температура, па на планините врнежите ќе поминуваат во снег. Во петок ќе биде посвежо, во западните делови со услови за краткотраен дожд, а на планините со повремен снег. Од сабота следува период на стабилно време со утрински температури околу нулата, а дневните температури ќе бидат во постепен пораст.

 
 
23.03.2016 - 17:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега